Горд сум на тоа што потекнува од скромно семејство од Македонија, со нозете сум цврсто на земја и никогаш не сум заборавил кој сум, што сум и од каде потекнувам, вели еден од највиртуозните пијанисти во светот маестро Симон Трпчески во интервју за црногорскиот весник Вијести.
На прашањето од новинарот колку е тешко за талентиран музичар од мала земја како Северна Македонија да се пробие на светската сцена, Трпчески прво што одговара е дека никогаш нема да користи придавки, од типот на северна, јужна, западна…
– Македонија (никогаш нема да користам квалификации како северна, јужна, западна пред името затоа што мислам дека е прашање на политика) е мала земја, како Црна Гора и вистинско чудо е човек од толку мала држава да се снајде. Да достигне височини. Апсолутно сум горд што сум од Македонија и потекнувам од скромно семејство, цврсто со нозете сум на земја и никогаш не сум заборавил кој сум, што сум и од каде доаѓам. Мислам дека тоа е успех на една личност. Секој има право да се надева и треба да се бори за тоа. Татко ми секогаш велеше дека животот е борба. Ова што сум денес пред се се должи на моето семејство кое секогаш ме поддржувало. Имавме исклучително скромни услови за живот, па дадоа повеќе од што можеа за да имам можности и шанси, вели Трпчески.
Тој додава дека е горд што е производ на македонското образование.
– Им должам и на моите професори кои несебично ми дадоа знаење и горд сум што сум производ на македонското образование. Научив многу кога почнав да патувам низ светот, запознав многу луѓе, неверојатни личности, бев отворен и подготвен за нови знаења. Поради мојата отвореност, станав и духовно богат. Јас сум едноставен човек и тоа ми помага во животот, иако денешниот свет е поинаков и оди во чудни правци. Верувам во чистотата на човечката душа, во природата, отвореноста на изразувањето и моќта на музиката. Мислам дека луѓето кои доаѓаат од мали земји и имале многу поголеми предизвици, затоа се поцврсти и знаат како да стигнат до целта. Друг проблем е што владите на тие мали земји не сакаат побрзо да одат напред за да се развиваат, но што е тоа е. Немаме време за чекање, треба да одиме напред и тоа го знаат сите свесни луѓе од која било професија. Горд сум што доаѓам од Македонија и што успеав да го направам сето тоа и одам напред.
Трпчески вели дека „Македонисимо“ е како што вели негово дете на кое е особено горд.
„Македонисимо“ е мое дете и јас сум исклучително горд на тој проект. Пораснав со хармоника и народна музика. Хармониката е мојата прва љубов и секогаш сум верувал дека нашата народна музика од Македонија има извонредна моќ поради нејзината различност. Се консултирав со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје и со ансамблот за народни песни и игри „Танец“, поточно со стручни лица кои знаат многу за тоа. Направив избор од шест миксови, заедно со македонскиот композитор Пандо Шахов, го направив тој софистициран музички јазик што излезе како резултат, мислам дека беше суптилен, нешто што предизвикува воодушевување кај публиката. Веќе сме настапувале во речиси многу земји, меѓу кои Велика Британија, Швајцарија, Холандија, Кореја, а во 2019 година настапивме и на „Барската Хроника“, а следниот концерт со овој проект е во Виена. Тоа ќе биде светска премиера на оркестарската верзија за квинтет и оркестар. Бевме крајно внимателни да не го оштетиме богатството, сржта, душата на македонскиот народ, корените на историјата, традицијата. Кој слуша ќе види дека автентично ги свириме главните мелодии кои се преземени од врвните мајстори кои напишале дел од тие мелодии. Како водич и иницијатор и кум на проектот „Македонисимо“, имав голема одговорност со Пандо Шахов да создадеме проект кој ќе биде рамо до рамо со класичната музика. Морам да ги споменам и фантастичните колеги кои имаат класично образование, но фантастично свират народна музика и учествуваа во овој проект. Сите тие се мајстори на своите инструменти и на таа наша енергија што од сцената се пренесува, публиката во која било земја каде што свиревме не остана рамнодушна. Навистина ми е драго што постигнавме голем успех и тука после Виена не чекаат уште концерти, а наесен турнеја низ поранешна Југославија, па во Монте Карло, а потоа се надевам дека ќе ги одржиме и тие концерти кои ги откажавме поради пандемијата во Кина, Нов Зеланд, Бразил, вели Трпчески.