Почнаа работните денови во Новата Година, почна министерката Мила Царовска да си ја тера замислената образовна реформа иако скоро и да нема научна и образовна институција во Македонија која не побара сопирање на концептот оти е недоволно осмислен, несоодветен, избрзан…
Не, нема сопирање, министерката укажува дека имало уште 15 дена да се праќаат предлози, сугестии и забелешки за Нацрт-концепцијата за основно образование поставена на веб-страницата на Министерството за образование и наука.
А еве на пример што за концептот и краткиот термин за реакција пред некој ден рече претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев:
– Единствена цел е да се избрише од наставната програма во основното образование предметот историја. Никој не е против пишување на нови учебници по историја и воведување на нови наставни методи и алатки за усвојување на историските содржини, но не само во Македонија. Меѓутоа да се избрише предметот историја во овој момент и притоа да се заборави местото и улогата на предметот историја во воспитно образовниот процес на младите генерации во Европски и меѓународни рамки и важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културна историја на Македонија е навистина непотребно, потенцира академик Коцарев.
Тој вели дека МАНУ треба да даде една критичка анализа на концепцијата за основно образование, но самиот факт дека МОН бара да се направи до крајот на јануари 2021 година во краток рок е нетранспарентен. Тоа, според него, покажува дека односот на политичарите спрема образованието што не е прв пат, не е само несериозен, туку е и деструктивен и понижувачки.
Ама министерката Царовска вчера изјави дека е очекувано да има спротивставени ставови за крупни реформи, дека коментарите се добредојдени и ќе бидат земени предвид тие што се добронамерни и издржани.
А коментарите беа дека треба да се сопре со спроведување на концептот. Еве дел од нив:
-Нацрт-верзијата содржи методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на воспитно-образовната и општествената реалност во државата. Имплементацијата на Концепцијата може да предизвика сериозни проблеми во сферата на образованието, предупредија Филозофскиот факултет кој е леглото каде започнала македонската просвета.
Од Педагошкиот факултет, исто така предупредија дека не е потребно брзање во овој процес.
-Сериозните промени какви што се предлагаат, претпоставуваат претходен долготраен истражувачки период кој тука изостанува. Решенијата понудени во Нацрт-концепцијата не се засновани на прецизна идентификација на вистинските проблеми и предизвици во основното образование, потенцираа од оваа образовна установа.
Се огласија и професори од Природно-математичкиот факултет кои ги држат предметите Методика. Јасно и порачаа на министерката Царовска дека нагли промени во образованието ќе бидат непродуктивни и штетни.
Реагираа и од Институт за национална историја:
-Македонската држава не смее да биде исклучок и да експериментира со сопствената национална историја. За суштински и концептуални реформи во образовниот систем се потребни темелни анализи и консултации со научната и академската фела, Концептот треба да се повлече, побараа историчарите.
Минатите денови имаше уште институти кои слично реагираа.
Дали се уште Царовска не ги слушнала или прочитала овие реакции не е познато. Но, дека си тера работа како да ги немало – е очигледно. А како ќе се спроведе реформа кога реформата не ја прифаќаат тие кои треба да ја практикуваат исто така не е познато. Да се надеваме Царовска ќе објасни наскоро.