Најавените инвестиции во Македонија никако да дојдат. А беа толку сигурни кога ни ветуваа што се чинеше дека инвеститорите се на граница – чекаат да влезат кај нас.
А што чекаат?
Јован Деспотовски, актуелниот директор на Трговско-индустриски развојни зони во земјава истакна дека пописот е потребен за да имаме и повеќе инвестиции.
-Пописот е многу важен и ќе придонесе нашата земја многу посериозно да излезе на картата во делот на странските инвестиции, да привлечеме инвестиции со повисок квалитет и да донесеме инвеститори кои ќе дадат многу поголеми финансиски средства, рече Деспотовски.
Премиерот Зоран Заев пак истакна дека не ни требаат сега предвремени избори оти тоа ќе го поремети инвестициите.
-Сите тешки одлуки што се донесоа во минатото беа заради економскиот стандард на народот, заради отворање нови работни места, да ги мотивираме инвеститорите да вложуваат во нови инвестиции и да отвораат работни места. Секое предвремено истрчување на избори, ги кочи ваквите процеси, истакна премиерот Заев.
Значи инвеститорите чекаат дали ќе омаме попис и предвремени избори.
Пред три години кога се водеше кампања за прифаќање на Преспанскиот договор, со цел земјава да стане членка на НАТО исто така се објаснуваше дека тоа е за да дојдат инвестиции.
-Зачленувањето во НАТО ќе донесе нови и големи директни странски инвестиции во економијата во Македонија. Сите комори во државава се заедно со оваа коалиција заради тоа што бизнисите имаат иднина во европскиот пазар од 500 милиони потрошувачи што е 250 пати поголем од македонскиот пазар, зборуваше тогаш Заев.
Инвестициите во Македонија се во слободно паѓање. Во 2018 година имавме рекордни 625 милиони евра странски нето-инвестиции, во 2019 над 300 милиони, односно, двојно помалку, а за ланската година се чекаат податоците. Сигурно, тие ќе бидат уште пониски.
Излегува дека доаѓањето на странските инвестиции не ќе да е врзано за членството во НАТО, па сигурно и не за пописот кој во земјава не се спровел цели 19 години. Да не е проблемот врзан со корупцијата и немањето стабилен правен систем?
Како тука стои Македонија со неодамнешно историски најниско рангирање од страна на „Транспаренси Интернешенл“ во однос на корупцијата или со тоа дека сме се уште земја со „хибриден режим“ од страна на британски „Економист“, не е тешко да се заклучи што инвеститорите чекаат.