Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски преку Фејсбук објави дека проблемот со ООУ Тодор Јанев во Чашка е решен и официјално. Блокадите запираат, учениците продолжуваат со наставата, тензиите стивнуваат.
Посочува дека после три месеци борба за правда, таа е издејствувана.
-Најпрвин сакам да им упатам честитки на издржливоста и решителноста на родителите и Советот на родители од ООУ Тодор Јанев кои бескомпромисно застанаа на страната на вистината, на страната на заштитата на интересот на образовниот процес и интересот на своите деца и сите овие месеци покрај безброј притисоци останаа на ставот свесно ризикувајќи и губење на учебната година на своите најмили. Благодарност и до сите вклучени во процесот на преговори, во кој и јас бев вклучен, и пред се сакам да изразам задоволство од разбирањето и давањето шанса на дијалогот.
Статутот на училиштето ќе остане непроменет!
Ингеренциите ќе бидат вратени на општината и ќе биде назначен нов директор на училиштето.
Учениците Албанци ќе продолжат со настава на албански јазик до завршувањето на учебната година во просториите на Тодор Јанев, но административно ќе бидат под Лирија затоа што таму согласно статутот се учи на албански наставен јазик.
Она што го бараме долги години, а последно ми беше одбиено во расправата за буџетот за 2024, во с.Бањица ќе се изгради ново училиште и тоа е превземена обврска од МОН, за од септември да се одвива таму наставата наместо во Чашка со што учениците нема да губат време во патување.
Се формира нов правен субјект, ново училиште и веднаш кога ќе се исполнат условите овие ученици ќе продолжат со настава под новото училиште наместо под Лирија.
За крај уште еднаш, капа долу до сите родители кои беа крајно трпеливи и решителни. Покажавме дека некогаш блокадите се единствен начин да се крене гласот и да се најде решение на проблемот, пишува Здравковски.