Укината апанажата за функционерите кои се разрешени или си поднеле оставка

Уставниот суд денеска едногласно oдлучи да го укине членот 22 од Законот за плати и други надоместоци на избрани и на именувани функционери. Што значи дека функционерите кои ќе бидат разрешени или ќе поднесат оставка од функцијата пред да им истече мандатот повеќе ќе немаат право на паричен надомест, односно апанажа кој им следуваше во период од три до 12 месеци во зависност од тоа колку време биле на функција.

Ова нема да се однесува на неодамна разрешените министри и заменици министри, бидејќи одлуката на Судот е укинувачка, а не поништувачка.

Судот го зема предвид фактот дека до остaвка или разрешувањето доаѓа заради некаков вид одговорност поврзана со вршењето на доверената функција. Според судот, оставката или разрешувањето и добивањето на паричниот надомест се неспоиви и затоа е укината оваа одредба.

Содржината на членот 22 кој денес беше укинат е дека пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен ги има сите права како останатите функционери меѓу другото и право на надоместокот популарно наречен „апанажа”.

Овој член според судот нема уставна оправданост.

Претходна вестТренерот на Јокиќ: Кај него најмногу ме импресионира неговата скромност
Следна вестИстражување: Нивото на доверба на македонските граѓани во ЕУ на рекордно ниско ниво од 64 проценти