Истражување: Нивото на доверба на македонските граѓани во ЕУ на рекордно ниско ниво од 64 проценти

Нивото на доверба на македонските граѓани во Европската Унија е на рекордно ниско ниво, покажува Анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ, изработена од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“. На денешната промоција на истражувањето Анамарија Велиновска од Центарот за европски интеграции при Институтот за демократија, рече дека за една година довербата опаднала за 4 проценти.

-Оваа година 64 проценти од граѓаните се за членство во ЕУ, доколку следната недела би се одржал референдум, што е за четири проценти помалку од 2021 година, кога 68 отсто од граѓаните се согласиле за членство во ЕУ, рече таа.

Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија, рече дека ваквата ситуација е наназад неколку години.

-Ние ова го следиме седум години секоја година по ред. Она што може да се заклучи е дека за поддршката на луѓето за влез во ЕУ е на рекордно најниско ниво, односно последниве три години го држи дното со горе-долу некои статистички незначителни разлики. Тоа е едната работа и тоа е она што го констатираат и другите истражувања, портенцира Трошановски.

Тој нагласи дека поддршката за уставни промени останува да биде ниска, 65 проценти од популацијата е против уставни промени, а кај етничките Македонци противењето на уставни измени е 80 проценти, што, вели, е исклучително висок податок.

Во однос на тоа кои се причините за ваквите резултати Трошановски наведе дека се работи за разочараноста бидејќи процесот на преговори не дава резултати со години.

-Дополнително, процесот е искомплициран со новата методологија за проширување што иако е донесена пред две години е далеку од операционализирана и со тоа само придонесува кон дефетизмот, разочараноста кај луѓето бидејќи досега не води догледно никаде. Се разбира дека Преговарачката рамка е значителен фактор во евроскептицизмот бидејќи не се заснова на чистите Копенхашки критериуми и наметнува дополнителни парекселанс услови за земјата. Тие се во суштина оние две главни причини, нагласи Трошановски.

Истражувањето покажало и тоа дека постои значителен јаз меѓу двете најголеми етнички заедници – етничките Македонци и етничките Албанци во земјата во нивото на поддршка за членство во ЕУ. Така, 57 отсто од етничките Македонци го поддржуваат членството во ЕУ, додека значително поголем процент од Албанците (79 проценти) се за членство во ЕУ. За повеќе од половина од населението членството во ЕУ е многу важно, а за приближно една четвртина од населението, членството во ЕУ не е важно прашање во нивниот живот. Членството во ЕУ е многу важно за 75 отсто од етничките Албанци, што е за 30 проценти повеќе отколку во случајот со етничките Македонци.

Директорот на Канцеларијата на „Конрад Аденауер“ во Македонија Даниел Браун, изрази жалење дека во земјава општото мнение за тоа како се одвиваат состојбите не оди баш во најгорна линија.

-Очигледно е дека пред се станува збор за губење на трпението. Тука мора да се нагласи дека структурата на самите земји-членки и самата ЕУ функционира на начин што одредеи земји, во случајот соседна земја можат, да постават вакви барања. Сепак, јас не можам да ги поддржам тие барања и покрај тоа што сто отсто ниедна страна не може да ги добие своите барања, треба да има компромис, тоа би било солуцијата и решението и верувам дека начинот за да се постигне тоа е политичката елита да говори со еден глас, рече Браун.

Претходна вестУкината апанажата за функционерите кои се разрешени или си поднеле оставка
Следна вестНиколовски: Со замрзнатата цена на лебот ги штитиме граѓаните