Универзална сала е скопски објект, а не на СДСМ или на ВМРО-ДПМНЕ

Градилиште без работници, метални столбови кои рѓаат, штици, песок, треви… и денеска како и со месеци претходно се главното обележје на објектот кој некогаш беше култната скопска Универзална сала. Се гради, ама не се гради.

Советот на Скопје вчера ја одби иницијативата на владеачката партија салата само привремено да и се отстапи на Владата за да се заврши предвидената реконструкција. Советниците од најбројната партија ВМРО-ДПМНЕ го одбија предлогот оти не сакале со тоа да ја признаат неспособноста на Градот Скопје да се заврши реконструкцијата. Па, така, сега очекуваат Градот Скопје и градоначалничката Данела Арсовска да ја завршат реконструкцијата. Советниците од Левица, пак, се против иницијативата бидејќи Владата била веќе нелегитимна и ако дава пари, требала да ги даде парите на Градот Скопје за да продолжат работите…

И така, Унивезална сала ќе чека нов предлог и конечно градежни работници во својот двор. До кога?

Партиски пресметки, надмудрувања, собирања на политички поени, недоверба… пак и пресудија на Универзалната сала. Кога и како ќе продолжи реконструкцијата, со кои средства, никој не кажа. Исто како што не се знае дали се отклонети проблемите во основниот проект поради кои беше запрена реконструкцијата којашто започна пред две години. 

Доколку Градот Скопје планираше сам да си ја заврши градбата тоа веќе требаше јасно да се каже за да се знае. Немаше потреба да се губи време, да се чека на некаква иницијатива на Министерството за култура за привремено преземање. Но, тоа никој не го соопштуваше – ниту советниците ниту градоначалничката, исто како што и сега не кажуваат со кои пари и со каков проект ќе продолжи градбата.

Единственото што јасно го гледа јавноста се обидите за париското профитирање за да може да се каже дека Универзалата сала ја реновирала ова или онаа партија. А тие што тоа го прават забораваат дека Универзална сала не е ниту сдсмовска, ниту вмровска, на Левица или било која друга партија. Таа е на граѓаните, на сите скопјани и има потреба да биде завршена. Впрочем парите за реконструкција ги даваат сите граѓани.

Многу време до сега е залудно потрошена. И партијата којашто сега предлага, од позиција на член на Владата, да ја заврши реконструкцијата дозволи да се загуби многу драгоцено време. Те се потпишуваа писма за намери, те се планираше уривање на објектот, правење на паркот, градба на нов објект на друга локација за да по две-три години конечно почне реконструкција со владиното донирање на два милиони евра. Но, смената на власта во градот предизвика и застој за којшто сега не се знае како да се деблокира. Жална судбина за еден објект којшто од својата внатрешност зрачеше со култура и уметност за сите генерации на скопјани.

 

   

Претходна вестБорел критикува за уапсениот новинар; Захарова го праша за Асанж
Следна вестОЈО со детали за убиството во скопски Капиштец: Прво пукал со пиштол во него, а пота со кундак го удирал во глава