Кај уште еден ученик на подрачјето на скопската општина Карпош е потврдено заразување со салмонела. Телевизијата Канал 5, повикувајќи се на Центарот за јавно здравје, објави дека се работи за ученик од основното училиште „Братство“.
Инаку, вчера и денеска Државен санитарен и здравствен инспекторат спроведува вонреден инспекциски надзор во училишта на територија на Општина Карпош по добиена пријава за појава на заболувања кај ученици предизвикано од „Салмонела“.
-На ден 08.11.2023 год. од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведен е вонреден инспекциски надзор во објект – централен магацин со кој стопанисува ДПТУ Ванила фоод„ –ДООЕЛ Скопје од каде се снабдуваат со прехранбени продукти кујните во училиштата на територија на Општина Карпош како и во кујните на училишттата на ООУ „Димо Хаџи Димов „ и ООУ „Владо Тасевски“, а по добиена дојава од ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје –одделение за епидемиолгија за појава на заболување кај седум деца од различни училишта во Општина Карпош со дијагноза Салмонеллосис, се наведува во денешното соопштение.
Се додава дека согласно надлежностите на ДСЗИ земени се брисеви од работни површини а од страна на АХВ примероци од храна од централниот магацин и кујните.
-Посетените објекти се времено затворени. Во тек на 09.11.2023 продолжува инспекцискиот надзор во училишните кујни на ООУ „Војдан Чернодрински„ и ООУ „Јан Амос Коменски“, информира овој Инспекторат.
Анализите што треба да покажат дали децата ја добиле бактеријата од мензата ќе се знае најрано викендов кога треба да бидат готови резултатите од земените брисеви.
Според досегашните официјалните информации од општина Карпош, во ООУ “Војдан Чернодрински” од 180 ученици кои се хранат во училишната кујна само кај 3 ученици има потврда дека имаат салмонела. Во ООУ “Јан Амс Коменски” од 350 ученици само кај едно дете е потврдена салмонела. Во двете училишта станува збор за ученици од прво одделение. Во ООУ “Владо Тасевски” пак има потврдени 5 случаи од 1 до 4 одделение, а од нив две не се хранеле во кујната. Според информациите од општината фирмата која врши снабдување со храна сама побарала вонреден преглед.