Укинато е Упатството за водење на матичните книги кое предвидуваше при вадење документи од матичните книги граѓаните да се изјаснат на која националност и припаѓаат. Ваква одлука денеска донесе Уставниот суд решавајќи по иницијативата од партијата Левица со која се оспоруваше Упатството потпишано од министерот за правда Кренар Лога на крајот на мај 2023 година.
Со укинувањето на ова Упатство во иднина граѓаните нема да мораат да се изјаснат како се чувствуваат односно во документите од матичните книги нема да пишува на која националност ѝ припаѓаат.
Кон крајот на минатата година, уставните судии со времена мерка го укина издавањето изводи со графа „националност“ но немаше мнозинство за да се донесе одлуката.
Во образложението на судот се наведува дека изјаснување за национална припадност не е должност, туку можност со што граѓаните се лишени од правото и да не се изјаснат за својата национална припадност, што за судот е сомнеж дека спротивно на уставното право за слободно изразување.
Подносител на иницијативата беше е политичка партија „Левица“ при што беше оспорен член 4 став 1 точка 2 во делот „националност”, член 11 став 1 точка 1 во делот „националноста” и член 13 став 1 точка 1 во делот „националноста“ од Законот за матичната евиденција.
-Уставниот суд на 20 декември 2023 година поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за матичната евиденција, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот. Според Судот, изјаснувањето за националната припадност, не е должност, туку можност (незадолжителен податок) со што граѓаните се лишени од правото и да не се изјаснат за својата национална припадност, за што Судот изрази сомнеж за согласноста на оспорените делови содржани во одредбите на Законот со член 8, став 1, алинеја 2, од Уставот за слободното изразување на националната припадност, како темелна вредност на уставниот поредок што го вклучува правото на лицето да ја изрази, но и да не ја изрази националната припадност. Исто така, оспорените делови на одредбите од Законот за матичната евиденција, за изјаснување на граѓаните за сопствената национална идентификација, без можност за избор да се изјаснат или не, но и да го променат изјаснувањето, неспорно навлегува и во сферата на човековата приватност и личен живот, со што и од овој аспект Судот изрази сомнеж за согласноста на оспорените делови од законските одредби со член 25 од Уставот, беше наведено во образложението од Уставниот суд кога беше донесена одлука за времена мерка со која се стопира издавањето на изводите со графата „националност“.