Усвоен Буџетот на Општина Илинден за 2024 година

Советот на Општина Илинден го усвои Буџетот за 2024 година, со вкупна вредност од 465.636.000 денари или приближно 7,6 милиони евра.

Анализата на приходите и расходите на Општината во буџетот за минатите години и планираните реални приходи за 2024 година се земени како основа во проектирањето на Буџетот на Општина Илинден, со развојна компонента при што е применет партиципативниот принцип на буџетирање, како и следење на реалните потреби и барања на локалната заедница при дефинирање на програмите за развој, информираат од општината.

Посебен акцент во основниот буџет за 2024 година во износ од 184.276.000,00 денари е ставен на капиталните расходи кои завземаат 40 % од планираните средства во вкупниот буџет, додека капиталните расходи во основниот буџет изнесуваат 64,5 %.

Значителен дел од капиталните расходи се планирани во програмата за изградба и реконструкција на локални улици и патишта, односно се планира за подобрување на патната инфраструктура (изградба, реконструкција, санација и рехабилитација на локалната патна инфраструктура), подобрување на инфраструктурата во стопанските комплекси и во локалните економски зони и одржување на постојната патна инфраструктура. За капитални расходи во образование и детска градинка наменети се средства за реконструкција на постојните училишта, доградба на детската градинка и изградба на нов спортски терен кај средното училиште во општината, во делот на здраството и здраствената заштита предвидена е изградба на здраствен дом.

Во делот на заштита на животната средина планирани се средства за изградба на фекална канализација и пречистителни станици, чистење на одводни канали и речни корита, одржување хигиена на јавни површини, одржување, уредување и проширување на јавните зелени површини и пошумување.

За поттикнување на заштитата на животната средина планирани се субвенции за велосипеди, инвертер клими и соларни панели. Продолжува програмата за финансиска помош за секое новороденче, субвенции за мотивација на индивидуални спортисти и културни работници, изградба на детски забавни паркови и трим патеки, изградба на мултифункционално игралиште со атлетска патека, реконструкција и санација на спортските терени, како и финансиска поддршка за млади претприемачи.

Претходна вестПретрес во Скопје, пронајдена дрога, приведен дилер
Следна вестАпасиев најави дека ќе се кандидра во првата изборна единица кај Ковачевски и Мицкоски