„Приказна се чита“ е мотото на 32. Саем на книга што ќе биде отворен утре во 12 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Од петок саемот ќе биде отворен од 10 часот, а ќе трае до 24 април. Новини во однос на поставеноста на штандовите, нови програми најавија организаторите Скопски саем и Македонската асоцијација на издавачи. Влезот чини 100 денари, за учениците 50 денари, а ќе има и билет за три влеза кој ќе изнесува 250 денари. Од нив, 15 денари се донираат за детското С.О.С село, најавија организаторите.
Даниела Глигоровска, управител на Скопски Саем на брифингот со новинарите, најави дека во 13 часот ќе биде официјалното отворање, при што обраќање ќе има министерката за култура, со оглед на тоа што Министерството за култура е покровител, а Саемот на книга е прогласен за проект од национален интерес во културата.
-Седум дена ќе бидат отворени вратите за читателите на годинашниот Саемна книга. Како еден од новите изложувачи кој што е најавен и ќе биде присутен е Гете Институтот и амбасадорката на Република Сојузна Германија, која исто така ќе присуствува на официјалниот дел на отворањето. Програмата е богата, рече Глигоровска.
Оваа година, како што рече, Саемот на книга има и општествено одговорна компонента. Со секоја купена редовна влезница ќе се донираат 15 денари за СОС детско село. Исто така, по повод 23 април – Светскиот ден на книгата, во СОС детско село и ДУЦОР „Партенија Зографски“ од Скопје – средно училиште за ученици со оштетен слух ќе бидат донирани по 100 книги и бесплатни годишни претплати од Боксѕ – изложувач на саемот, за година онлајн читање на книги.
Претседателот на Македонска Асоцијација на издавачи (МАИ), Бојан Саздов на денешниот брифинг информираше дека годинава во рамки на Саемот на книга е додадена и професионална програма, Фелоушип програма, по примерот на сите поголеми светски саеми. Оваа година, како што најави, ќе дојдат пет гости – книжевен агент од Франција, но и претставници од Словенија, Грција, БиХ и од Црна Гора.
-Сите гости ќе пристигнат на 17 април, а ќе бидат тука до 20 април. Централниот настан ќе биде на Саемот, при што ќе има една панел дискусија на тема, на која што ќе бидат поканети и овие гости. Се надеваме Саемот да добие и професионална димензија во иднина, рече Саздов.
Годинава се воведува и нов концепт на поставка на штандовите, за подобра видливост на сите изложувачи и издавачи, а помалите издавачи во однос на квадратурата ќе бидат визуелно подостапни до публиката. Работното време на Саемот на книга ќе биде од 10 до 20 часот. И годинава ЈСП воведе автобуски линии, автобусите со број 100 и 200 кои ќе возат од Ѓорче Петров и од Лисиче до салата.