Утре стартува вториот уписен рок за средношколците, во првиот двојно повеќе запишани во стручните училишта отколку во гимназиите

Во првиот уписен рок за средни училишта двојно повеќе ученици се запишале во стручните училишта отколку во гимназиите – од 12.996 запишани, 8.235 ученици се запишале во стручно образование, а 4.606 во  гимназиско, соопшти денеска Министерството за образование.

Во информацијата се наведува дека второто пријавување на учениците ќе се врши утре, 27 јуни до 24.00 часот и на 29 јуни 2023 година до 10:00 часот.

-Прелиминарната ранг листа на запишани ученици се објавува на 29 јуни 2023 година на https://e-uslugi.mon.gov.mk и на интернет страната www.mon.gov.mk најдоцна до 13:00 часот. Доставувањето на потребената документација до училиштата е на 29 јуни од 15.00 до 19.00 часот и на 30 јуни од 07.00 часот до 19.00 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето, наведуваат од МОН.

Инаку, во вториот уписен рок идните средношколци на располагање ќе имаат 23.903 слободни места за упис во средните училишта. По  првото пријавување во јунскиот уписен рок, останати се 5.438 слободни места во гимназиското и 18.059 места во стручното образование. Според наставниот јазик, 18.002 места се слободни за настава на македонски јазик, 5.227  за албански наставен јазик, 612  за настава на турски јазик и 62 слободни места се за  српски наставен јазик.

Поради пополнети места на првото пријавување, конкурсот е завршен за повеќе струки во училишта низ земјава и нема да примаат апликации на второто пријавување.

Слободни места нема за насоки од градежно-геодетска струка во училиштата „Нико Нестор“ во Струга и „Гостивар“ во Гостивар, за профили од графичка струка нема места во „Ристе Ристески Ричко“ во Прилеп, за економско-правна и трговска струка заврчен е конкурсот за некои образовни профили во  училиштата „Цветан Димов“ во Скопје, „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, „Добри Даскалов“ во Кавадарци, „Јане Сандански“ во Битола, „Јане Сандански“ во Струмица, „Перо Наков“ во Куманово, „8 Септември“ во Тетово и во „Васил Антевски Дрен“ во Скопје (за образовниот профил техничар за е-трговија и дигитален маркетинг на македонски наставен јазик).

За насоки од електротехничка струка, конкурсот е завршен во училиштата: „Коле Нехтенин“-Штип, „Коле Неделковски“-Велес, „Гостивар“-Гостивар, „Илинден“-Илинден, „Ѓорѓи Наумов“-Битола, „Ѓошо Викентиев“-Кочани, „Ѓорче Петров“-Крива Паланка, „Наце Буѓони“-Куманово, „Св. Наум Охридски“-Охрид, „Ристе Ристески Ричко“-Прилеп, „Богданци“-Богданци и „Никола Карев“-Струмица.

Нема слободни места за некои образовни профили од здравствена струка во училиштата: „Јане Сандански“-Штип, „Димитрија Чуповски“-Велес, „Гостивар“-Гостивар, „Ѓорче Петров“-Кавадарци, „Мирко Милески“-Кичево, „Наце Буѓони“-Куманово, „Д-р Панче Караѓозов“-Скопје (за образовните профили медицинска сестра на албански наставен јазик, забен техничар на албански наставен јазик и физиотерапевтски техничар на македонски јазик), „Д-р Јован Калаузи“-Битола,  „Цветан Димов“-Скопје, „Нико Нестор“-Струга и „Никола Штејн“-Тетово.

За насоки од струката лични услуги, конкурсот е завршен во средните училишта:

„Шаип Јусуф“-Скопје, „Сарај“-Скопје и „Никола Штејн“-Тетово, а од машинската струка – за одредени образовни профили во: „Коле Неделковски“-Велес, „Наце Буѓони“-Куманово, „Боро Петрушевски“-Скопје.

Во угостителско-туристичката струка, пополнети во првото пријавување се образовните профили келнер, готвач и слаткар на македонски наставен јазик во „Коле Неделковски“-Велес, а од хемиско-технолошката струка – во „Марија Кири Склодовска“-Скопје и „Нико Нестор“-Струга, во двете училишта нема места за профилот хемиско лабораториски техничар на албански наставен јазик.

Во „Георги Димитров“-Скопје нема места за техничар за мебел и ентериер на македонски наставен јазик.

Согласно Конкурсот на МОН,  во училиштата каде во конечната ранг-листа има поголем број ученици со исти бодови  се организира квалификациско тестирање по наставниот материјал од осмо и деветто одделение. Оваа година квалификационото тестирање се организира во  „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје (за образовните профили фармацевтски техничар на албански наставен јазик).

За запишување во гимназиско образование, пак, пополнети се сите места само во   гимназиите „Никола Карев“ и „Георги Димитров“ во Скопје.

Претходна вестДобро е: Доделени 60 решенија за набавка на трактори за земјоделци од Овчеполието
Следна вестМЕД: Во Македонија постојат 16 видови змии, најчесто се сретнува поскокот