Добро е: Доделени 60 решенија за набавка на трактори за земјоделци од Овчеполието

Македонскиот земјоделец тешко врзува крај со крај. Потребна е подобра државна стратегија, потребна е помош за луќето кои се нафатиле да бидат земјоделци во време кога селата се празнат, нивите остануваат необработени, цените на производите се нестабилни…
Денеска Владата додели помош за земјоделците во Овчеполието. Имено, премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за земјоделство, Љупчо Николовски во Свети Николе ги доделија решенијата за набавка на трактори на 60 земјоделци од овој крај.
Ова е дел од вкупно одобрените 730 решенија за државна финансиска поддршка на земјоделци за набавка на трактори. Вакви решенија веќе се доделени во Битола и Прилеп.

– Државната финансиска поддршка на земјоделците, во овој случај за набавка на трактори, е во форма на кофинасирање до 75 проценти од вредноста на тракторот. Но, слушајќи ги сугестиите на земјоделците од теренот, годинава креиравме и нова мерка за поддршка на бизнис-план во земјоделството. Преку отворен јавен повик земјоделецот има можност да добие поддршка до 10.000 евра за модернизација на своето производство избирајќи сам во што и кога ќе инвестира, изјави Ковачевски.

Добра е ваквата помош. Добро е ако се доделила според реални утврдени критериуми. Добро е ако ова е само почеток во посериозно зафаќање на власта во унапредување на земјоделството. Добро е ако земјоделците оваа помош ја искористат за раст на своето производство.

Претходна вестТешко повредена повозрасна жена, со автомобил излетала од патот
Следна вестУтре стартува вториот уписен рок за средношколците, во првиот двојно повеќе запишани во стручните училишта отколку во гимназиите