В понеделник истекува рокот за формирање на работната група за уставни измени, досега предложен само еден член

В понеделник истекува рокот што Министерството за правда го постави во дописот до институциите и политичките партии да номинириаат претставници во работната група за измени на Уставот. Дописот беше испратен во вторникот до Кабинетот на Претседателот на државата, МНР, СЕП и парламентарните политички партии кои треба да одговорат најдоцна до 10 април. Во групата се повикани да учествуваат и експерти од областа на уставно право.

Во четвртокот претседателот Стево Пендаровски потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, кажа дека најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот од СЕП кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени. Во меѓувреме, Софија повтори дека уставните измени се внатрешно прашање на Македонија.

На заедничката прес-конференција вчера со српската министерка за евроинтеграции Тања Мишчевиќ, Маричиќ рече дека СЕП активно ќе учествува во таа работна група и ќе номинира лице што ќе биде претставник од Секретаријатот и со допис до понеделник ќе го информира Министерството за правда.

-Од таа работна група да извадиме еден предлог кој потоа ќе најде свој простор за дискусија  и во општеството и во Собранието. Многу е попрактично и поодговорно за државата да учествуваат сите политички партии, и јас ги охрабрувам да не се плашат и да учествуваат. Бидејќи јавно ги изнесоа ставовите, тие ставови да ги соочиме во работната група и да видиме дали можеме да дојдеме до едно заедничко решение, најдобро решение, и да изградиме македонски модел за вградување на овие три заедници или колку и да бидат, што се заинтересирани да влезат во Преамбулата на Уставот, и да го овозможиме тоа. Сметам дека на тој начин ќе се демистификува процесот повеќе отколку ако го задржиме на ниво на дневни изјави и политички препукувања. Ние ја поставуваме масата за разговор и ги каниме сите да седнат на таа маса и да разговараме, истакна вицепремиерот за европски прашања.

Претходна вестСи ја изми четката за варосување и кофата во Охридско Езеро и замина…
Следна вестВечерва се отвора 14. Биенале на млади уметници со наслов „Будења“ во МСУ- Скопје