Во Музејот на современа уметност во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворено 14-то Биенале на млади уметници со наслов „Будења“.
Куратори на изложбата се Ива Димовски, Бојана Јанева и Никола Узуновски.
На изложбата ќе земат учество 38 млади уметници од земјава и од странство.
-Годинашната тема „Будења“ се осврнува кон процесите на соочување и мечтаење и има за цел да ги поттикне младите автори да ги изразат своите размислувања, не/сигурности, не/согласувања, не/задоволства, мечти и амбиции при соочувањето со личните и општествените промени. Темата на Биеналето има за цел да го истражи и претстави процесот и промената, дејството и почетокот – оттаму, будењата како одговор на прашањата: Како младите уметници кои излегуваат од границите на семејството и образовната институција се соочуваат со општествените проблеми и предизвици? Што прават младите кога ќе се разбудат во свет во кој не се заштитени како порано? Како сонуваат во свет кој по тригодишна изолација конечно ги отвора вратите за уметничко изразување и дејствување?. Напуштањето на комфорната зона при завршувањето на образованието или осамостојувањето од семејството, почетокот или промената на кариера или пак наметнатите околности, кои произлегоа од глобалната пандемија и рестрикциите, го носат во себе аспектот на двојството. Од една страна, нивното настанување е ограничувачко, а од друга, нивниот процес е ослободувачки, вели кураторскиот тим.