Кошаркарите на МЗТ Скопје синоќа во Сплит, Хрватска го совладаа истоимениот домашен тим (77:74). Ова е првата гостинска победа сезонава за МЗТ во регионалната АБА-лига со која дојдоа до чекор да обезбедат опстанок во последното коло пред своите гледачи против Цибона.
Натпреварот започна солидно за аеродромци, повеќемина кошаркари беа расположени и првите седум минути постојано беа во водство, но Сплит направи една серија од 8-2 и првата четвртина заврши во полза на домашните со 24-20. Втората делница донесе многу поцврста одбрана на македонскиот тим. Сплит многу грешеше и промашуваше отворени шутеви за три поени, па МЗТ Скопје успеа да го добие вториот дел со високи 19-7 и на полувремето имаше предност од 39-31.
Продолжението приреди возбудлива кошарка, имаше и мала серија од „кош за кош“ по што третиот дел заврши со водство на МЗТ Скопје од 55-59. „Металците“ водеа скоро во текот на целиот натпревар и полека го приведуваа натпреварот кон крајот и конечно ја забележаа првата гостинска победа во АБА-лигата сезонава. По малата неизвесност во последните две минути, конечниот резултат на крајот гласеше 74-77.
Најефикасни во таборот на МЗТ Скопје беа Војдан и Дамјан Стојановски со 16, односно 13 поени, а Александар Бурсаќ додаде уште 12, од кои шест многу важни поени во последниот дел. Прво име кај Сплит и најефикасен играч на натпреварот беше Шортер со 22 поена и девет скокови, а Мавра додаде уште дванаесет.
МЗТ по триумфот во Сплит се израмни по број на победи со Борац Чачак, кој подоцна ќе го игра својот меч од ова коло, на домашен терен против шампионот Црвена Звезда. Ако Борац загуби на овој меч, МЗТ за освојување на претпоследното место ќе мора да слави во последното коло, на домашен терен со Цибона, но и Борац да претрпи пораз на својот последен меч, на гостувањето против Будуќност.





