Ванковска: Отворав теми за кои кукавиците не смеат да отворат уста; Апасиев: Се гледаме на парламентарни…

Кандидатот за претседател на Македонија, Билјана Ванковска не успеа да се пласира во вториот изборен круг. Освои нешто над 41.000 гласови што е далеку од доволно, и што според многумина е послабо од што се очекуваше да постигнат таа и „Левица“.

Ванковска преку Фејсбук истакна:

-Јас сум среќна за можноста што ми ја даде Левица да зборувам слободно, чесно, отворено и радикално – да понудам нешто што мнозина не беа спремни да го прифатат како опција. Народот очигледно не е подготвен за тоа. Мојата цел беше не да победам туку да вознемирам една застојана елита. Колку успеав, ќе видите наскоро. Не сакам да бидам пророчица, но новиот претседател ќе се соочи со сето она за што предупредував, напиша таа.

Професорката и посочи:

-Во класната борба изборите се само еден од механизмите за ослободување на човекот од стегите на корпоративната моќ! Ова е маратон со многу пречки и Голијати (во палати заработени со криминал или уште полошо).

Не очајувам бидејќи мојата битка не беше за победа туку за отворање на теми за кои кукавиците не смеат да отворат уста. Јас своето го сторив, говорев Вистина наместо да ве лажам. И тоа засега е единствениот револуционерен чин што можев да го преземам. Но тука се црвените другарки и другари, кои ќе продолжат да го вејат барјакот. Бидејќи, ние народе одлучивме да се бориме! Изборот е социјализам или варварство. Засега мнозинството одлучи како што одлучи, но набргу ќе видите дека се само ново пакување на истата матрица, истакна Ванковска.

Лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев на Фејсбук кратко посочи:

-Ете, го направивме и сефтето на Претседателски. ПАСОКИЗАЦИЈА на дело! Се гледаме на Парламентарните. Фала ви на сите, напиша Апасиев.

 

Претходна вестПо тепачката во грчкиот парламент: еден пратеник заврши во болница, друг во притвор
Следна вестНачевски и Николов ќе судат на Олимписките игри во Париз