Ванковска предлага нов Устав кој нема да биде етнички, а и излез од НАТО

Билјана Ванковска, кандидатот на Левица за претседател, вчера повторно порача дека е неопходно да се започне процедура за излегување на Македонија од НАТО.

-Како сиромашна земја која нема економски развој, а секоја година издвојува повеќе од два отсто од националниот БДП за НАТО, само тонеме во сиромаштија, а тоа што го издвојуваме оди за финансирање на туѓи војни, им порача Ванковска на граѓаните на скопската општина Карпош.

Универзитетската професорка го повтори залагањето од нејзината изборна програма за донесување на нов Устав кој нема да биде етнички, туку граѓански, заснован на принципите на „општествената класна правда и еднакви можности“.

-Потребно е да се донесе нов Устав наместо да се надмудруваме кој ќе влезе во преамбулата. Тој Устав ќе биде модерен, затоа што ќе го донесеме за себе како политичка заедница која нема да се дели по етнички квоти, со олигархии и етнотрибализам, туку општествен устав, заснован на принципите на општествената класна правда и еднакви можности, кажа Ванковска.

Претходна вестПендаровски: Кога ти уште во кампања носиш други луѓе да зборуваат наместо тебе, па како утре ќе бидеш претседател?
Следна вестМаксим Димитриевски од Штип: Доволно се делевме, треба да се обединиме