Вардар 1961 вечерва (18:45 часот) го игра четвртиот меч во Лигата на шампионите оваа сезона. Во СЦ „Јане Сандански“ гостува лидерот во групата А, Келце, кој во пресметката со актуелниот европски првак влегува како огромен фаворит.
Никој не им дава шанса на „црвено-црните“, ракометните стручњаци се убедени дека полскиот клуб без мака ќе дојде до двата бода, иако во Скопје има победено само еднаш во пет гостувања до сега.
Последен пат овие два тима се сретнаа пред една година, Келце на домашен терен славеше со убедливи 35-25, една недела пред оваа средба, пак Вардар 1961 беше домаќин и дуелот заврши без победник. Келце во Скопје славеше во 2015 година во плеј-оф меч со 20-22.
Патот кон триумфот гостите го гледаат во празните трибини, но избраниците на Стевче Алушовски против Фленсбург и Порто покажаа дека се уште се опасни во СЦ „Јане Сандански“. Веќе како да се навикнаа да ја немаат фаворитската улога. А секогаш кога некој ќе ги отпише, тие изглегуваат посилни, мотивот расте, па на исто сценарио се надеваат и за оваа средба.
Според најавите македонскиот клуб треба да излезе во комплетен состав, очекуваме официјална потврда од ЕХФ.