Во вечерни часови на Меѓународниот аеродром во Скопје ќе пристигне Светиот благодатен оган, информира Комисијата за односи со верските заедници.
-Директорот на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски, ќе ја има честа на Меѓународниот аеродром во Атина, Република Грција, да го преземе Светиот благодатен оган од страна на грчката државно-црковна делегација, која ќе го донесе од Ерусалим, каде што речиси два милениума се симнува во пладневните часови во Христовиот гроб во црквата на Христовото воскресение на Велика сабота, се наведува во информацијата.
По пристигнувањето, Светиот оган на Меѓународниот аеродром во Скопје ќе биде пречекан и преземен од претставници на православните епархии, кои ќе го однесат во сите градови во државата. Директорот на Комисијата, Сотировски, по доаѓањето, Светиот оган ќе му го предаде на неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан, во резиденцијалниот манастир „Св. Георгиј Победоносец“ во Скопје.
И минатата година Благодатниот оган во Македонија дојде преку преку Грција по што беше пренесен во сите цркви и манастири на МПЦ-ОА. Преклани, пак, Благодатниот оган пристигна преку Софија, а го донесе епископот г. Јаков. Тогаш, за прв пат епископ на МПЦ – Охридска архиепископија присуствуваше во Светата Земја во мигот кога слезе Благодатниот оган, заедно со црковната делегација на Бугарската православна црква.