Вечерва во Порто македонската фудбалска чета пред клучниот предизвик

Македонската сениорска фудбалска репрезентација вечерва го игра клучниот меч за пласман на Светското првенство во Катар против Португалија на нејзин терен во Порто. Натпреварот, кој започнува во 20. 45 часот, е да се биде или не за македонските фудбалски репрезентативци предводени од селекторот Благоја Милевски.

Македонската јавност со нетрпение го чека почетокот на натпреварот кој треба да ја одбележи оваа генерација на македонски фудбалери кои досега постигнаа одлични резултати и покажаа дека можат да се надигруваат со најдобрите. Доколку победат, тоа ќе биде историски, прв пласман, на реперзентацијата на Македонија на Светско фудбалско првенство, сонот кој беше недостижен во изминативе три децении.

Селекторот Благоја Милевски синоќа фаворитската улога на мечот против Португалија, им ја додели на домашните. Но, рече дека тоа не значи дека Македонија се предава однапред.

– Никој не очекуваше дека една мала Македонија ќе се најде во ситуација да игра финале за пласман на СП. Играчите треба да уживаат во моментот. Стартните 11 се познати. Ова ќе биде сосема различен меч од тој со Италија, со различни индивидуални квалитети, друг стил на игра, договореното да се пренесе на терен. Ова е правец и показател како да работиме во иднина. Португалија не е само Роналдо, ќе треба да се сконцентрираме на тимот, не на поединци. Фаворитот е јасен, тоа е Португалија, и според рејтинг и традиција, но Македонија не случајно е тука, рече Милевски.

Македонскиот селектор нагласи дека здравствениот билтен во македонската репрезентација пред натпреварот е максимално поволен. Адеми ќе биде подготвен за игра, а како што е познато, во комбинација се враќаат и Елиф Елмас и Тихомир Костадинов.

 

Фото: ФФМ

Претходна вестНамален бројот на заразени од Ковид-19, смртноста зголемена
Следна вестФино изгледаат прекопаните улици низ Скопје