Изборите идат, ветувањата се множат. Само дајте ни доверба и депониите ќе бидат минато, Скопје ќе биде совршено зелено место за живеење – вакви ветувања се изнаслушавме и пред овие избори и пред претходните… Наспроти тоа, синоќа гореше депонијата кај Ново село, во Ѓорче Петров. Што значи ветеното никогаш не е исполнето. Проблемот е со години стар ама ниту се дислоцира, ниту се презема нешто.
Слична е приказната и со Вардариште. Таму пред неколку дена интервенираа и пожарникари. Скопскиот градоначалник, кој прво се изземаше од одговорност за оваа депонија па мораше јавно да признае дека е под негова „капа“, исто така даде ветување но никогаш не го исполни. Всушност, беа дадени различни и повеќе, а маката на скопјани кои живеат во околината расте се повеќе. Тие дури и ги информираа сите амбасадори во Македонија, народниот правобранител и други релевантни институции. Ама Вардариште и натаму „цути“.
Од ветувањата за зелен и чист град до сега не видовме, народски кажано, аир. Неопходно е да се направи и презентира конкретна акција за тоа како, кога, каде ќе се дислоцираат или уништат депониите, значи конкретни чекори со временски рокови. Ветувањата „да дојдам и се ќе исчистам“ веќе немаат сила ниту моќ. Кандидатите за градоначалници мора да понудат оперативни планови со точни тајминзи и начин на справување со конкретен проблем.