Видоа не се гради гасоводот, па трасата на Водно им стана патека за крос возење

И по цели две години гасоводот на Водно никако да се изгради, па неговата траса почна да добива друга намена. Каква, тоа најдобро се гледа од фотографиите снимени деновиве, а кои редовни посетители на Водно ги испратија до „Скопско ехо“. Од нив јасно се гледа дека ископаната траса од неколку километри сега служи како крос – патека за граѓани кои по неа си ги возат своите мотори и џипови.

-Често одам на Водно и поминувам по трасата на идниот гасовод. Веќе повеќе пати имам сретнато лица како возат мотори-квадови или, пак дури и џипови. Очигледно е дека оваа патека си ја користат како патека за крос-возење за да си направат возбуда за себе си. А патеката е идеална за тоа: полна со дупки, нерамна, со камења… Ми се чини дека градот си ја доби својата крос-патека кога веќе не си го доби гасоводот, прокоментира и со иронија скопјанецот кој ни ги испрати фотографиите.

Се работи за делница која од врвот на Водно води кон селата Шипево и Матка, долга повеќе километри.

Познато е, изградбата на гасоводната траса е во застој веќе подолго време заради како што беше објаснето – технички проблеми кај селата Сопиште и Шишево. Кога пред две години беа започнати работите беше ветувано дека проектот ќе заврши за три месеци. Можеби на крајот ќе испадне гасоводот да не се направи, а Скопје да добие нова крос- патека. Ќе настрада само Водно и зеленилото кое не се обнови.

Претходна вестПомалку тестирање – помалку новозаразени, четири пациенти починати од вирусот
Следна вестШилегов пак даде нов датум за отворање на ЈП „Лајка“