Иако изморени од честото растрчување во кампањата, министрите денеска ќе имаат седница. Имено, Владата на Македонија со почеток во 12:00 часот ќе ја одржи редовната 109. седница со повеќе точки од својата програма за работа.
Како што е соопштено на дневен ред се повеќе предлози за изменување и дополнување на закони, предложени од Министерството за внатрешни работи, а се однесуваат на Законите за лично име, за лична карта, за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија за пријавување на живеалиште и престојувалиште на граѓаните и други.
На денешната седница меѓудругото пред министрите ќе се најде и Информацијата за усвојување на Стратегијата за градење отпорност и справување со хибридни закани, со предлог на стратегија за градење отпорност и справување со хибридни закани и акциски план за имплементација на Стратегијата за градење национална отпорност и справување со хибридни закани, изготвена од Министерството за одбрана.
Владата на редовната седница ќе разгледува и извештаи за работењето на повеќе јавни претпријатија и трговски друштва во државна сопственост, согласно обврските за редовно доставување до Владата, согласно политиките за отчетност и транспарентност во работењето.