Владата ќе решава за донација на 12 хеликоптери на Украина, се планира набавката на осум нови

Донирање на 12 хеликоптери на Украина и набавката на осум нови се планови на Министерството за одбрана. Министерката за одбрана Славјанка Перовска синоќа изјави дека Владата в среда ќе носи одлука.

-На следната седница на Владата, која треба да се одржи наредната среда, ќе предложам донесување одлука со која Република Северна Македонија ќе донира 12 хеликоптери „Ми-24“ на Република Украина, рече министерката Петровска во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат.

Анализата на барањето од Украина за донирање ваква опрема што ја правел тим од генералштабот на Армијата денеска била доставена до Петровска и во неа е содржана позитивна препорака.

– Сета опрема која што досега беше донирана, освен што е на барање на Украинците, ним им е потребна и тоа е опрема за која украинската армија е вешта во користењето, опрема која согласно нашите планови за модернизација веќе е на истекот на користење, нема да биде во составен дел на нашето вооружување и многу е извесно дека за кус временски период, ќе требаше да ни биде наплатено за да ја уништиме, рече министерката.

Во однос на финансиските импликации, Петровска истакна дека проценката на вредноста на донациите без можната донација на хеликоптери изнесува околу 30 милиони евра, но дека за само помалку од една година Македонија беше поддржана од САД со 139 милиони долари, наменети за набавка на нова, најсофистицирана опрема.

Од друга страна, Министерството за одбрана ќе набавува нови повеќенаменски хеликоптери, најверојатно осум на број, кои ќе имаат првенствено транспортна улога, а не борбена.

– Стигнати се пет понуди од различни држави и компании. Во моментов се прави евалуација од страна на Интегриран проектен тим кој веќе во април треба да достави извештај до министерката. Намерата е леталата што ќе се купат да бидат повеќенаменски и освен за одбраната, да можат да се користат и за цивилната заштита и спасување, објасни таа.

Претходна вестСо поместување на еден час нанапред во два часа по полноќ ќе започне летното сметање на времето
Следна вестПрво празнување на денот на Свети Кирил Лешочки