Владата засега нема да испрати протесна нота до Бугарија поради Каракачанов, неговите изјави ги смета за недостојни и недолични

Недостојни и недолични се изјавите на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов и ние ги осудуваме, соопшти денеска портпаролот на македонската Влада, Душко Арсовски.

Тој рече дека најавата на Каракачанов дека би можел да испрати инженерски полк за демонтирање споменици во Македонија на кои пишува „бугарски фашистички окупатори“ не е начин на кој може да комуницираат претставници на две земји-членки на НАТО.

-Веруваме во решенија и убедени сме дека земја сосед која прва ја призна независноста и беше промотор на патот на интеграцијата кон НАТО и ЕУ нема да помисли да го оспорува правото на идентитетско самоопределување на пријателскиот македонски народ. Може само да изразиме оптимизам дека тоа не е став на мнозинството граѓани и на академската заедница во Бугарија, рече Арсовски.

Запрашан дали Владата размислува да испрати протестна нота до Бугарија, Арсовски одговори дека засега нема нешто такво, но ако има дополнително ќе информираат.

Претходна вестМодуларната болница веќе примила 15 пациенти
Следна вестПриведен 25-годишник, дома му пронашле предмети однесени при тешка кражба