Владиката Тимотеј: До крајот на мај очекуваме СПЦ да го испрати предлогот за автокефален статус на МПЦ-ОА

Очекуваме до крајот на месецов Српската православна црква да го испрати предлогот за автокефален статус на МПЦ до Вселенската патријаршија, по што треба да биде издаден Томосот за автокефалност, изјави денеска владиката Тимотеј, по седницата на Светиот Синод на МПЦ-ОА.

-Постојат 9-10 точки кои треба да ги исполни една православна црква за да биде предложена од својата матична црква од која се одделува. Во конкретниот случај од ние од Српската православна црква. СПЦ потоа да ја извести Цариградската патријаршија и останати православни цркви и во согласност со сите останати, да се издаде Томос. Томосoт треба да го потпишат цариградскиот и српскиот патријарх. Тоа се надеваме дека ќе биде до крајот на мај, рече владиката Тимотеј.

Тој додаде дека не може да тврди кога Томосот ќе биде подготвен.

-Треба согласност на сите православни цркви за да се официјализира, но ние до тогаш ќе функционираме како автокефална црква, нагласи владиката.

На прашањето врзано за испаќањето на писмото до СПЦ и одлуката којашто емдонесена на нејзиниот Собор за воспоставување на „канонско единство“ и со која МПЦ-ОА се става во „автономна положба“, владиката Тимотеј рече дека тоа е толкување на српските владици.

-Тоа е голем чекор во решавањето на нашиот статус кој го чекаме 55 години. Имајте трпение. Ќе имаме дефинитивен став на крајот на Соборот. Тие си го толкуваат писмото како сакаат, ние баравме автокефалност. Тоа е начин преку кој може да се дојде до автокефалност. Ние си баравме автокефалност, рече владиката Тимотеј.

Тој потврди дека делегацијата на МПЦ-ОА на утрешната „Литургија на помирување“ со СПЦ во Белград ќе ја предводи неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан  и тројца митрополити во ранг најстарите во придружба на неколку соработници. Потврди и дека македонскиот архиепископ г.г Стефан на верски празник „Педесетица“, 5 јуни, ќе одржи заедничка богослужба со вселенскиот патријарх Вартоломеј во Истанбул.

Претходна вестБензините поскапуваат за 2,5 денари по литар
Следна вестВМРО-ДПМНЕ и Левица бараат да се расправа за снимката на Џафери