Владината каса полна, џебовите на граѓаните попразни!

 

Колумна на Никола Тасев:

Граѓаните побудно ја дочекаа кризата од Владата. Беа на штрек, купуваа – штедеа, правеа планови како да го намалат ценовниот удар, како да обезбедат за децата помирно утре. А што правеше Владата? Ги наполни ли стоковите резерви со продукти по „стара цена”, купи ли поевтина нафта? Воведоа ли пресретнувачки мерки пред да скокнат цените до небо?

Да, и Владата правеше планови. Во многу соопштенија тоа ни го потврдија. Ама каде се плановите во дело? „Планерите” во власта до сега не успеаја да предвидат, ниту да превенираат ниту една криза. А сите компании, организации, семејства… прават планови, работат, се борат за да најдат начин како да ја пресретнат кризата – да „преживеат”? Нормално е и државите да планираат.

И македонската влада многу сака да планира. Ја бива за тоа. Ама многу сака и да се фали за своите планови. И за тоа ја бива. Но, често не ја бива да ги погоди плановите или барем навремено да изреагира. Еве на пример за горивото: синоќа немаше да има толку голем шок, ако Владата два – три дена претходно ги намалеше акцизите. Излегува дека за власта е важно буџетот да е полн, а граѓаните и бизнисот нека се снаоѓаат со кризата како знаат и умеат.

А други вакви примери – колку сакаш: Се сеќавам барем на неколку покрупни планови, досега најавени со фанфари на прес конференции и скапи презентации, а дообјаснети од медиумските провладини труби, како историски и клучни за излез од криза и за развојот на државата. Но, откако планот ќе се промовира, веќе следниот месец се заборава во некоја фиока и се поклопува со некој нов план – уште поважен и уште поисториски од претходниот. И сите планови се акциони. Планови и премногу, а акција премалку!

Па да прашам ли: Што се случи со „Планот 3 – 6 – 9 за итни реформи, -акција што требаше да ја спроведе Владата во првите девет месеци од преземањето на власта во 2017 година. Се најави и… толку! Понатаму, до каде е со планот за заживување на слободните економски зони – дојдоа ли планираните 5 милијарди евра инвестиции? А се сеќавате ли на планот „Акција 21 – Европа дома“, по првото бугарско вето за отварање на преговорите со ЕУ?

Нема да споменувам и други планови, а нема да ги коментирам ниту овие, затоа што, и така, речиси ништо од нив не е реализирано. Мене прашањето ми е што се случува со последниот голем план од јуни минатата година, спектакуларно најавен од тогашниот премиер Заев за 8 милијарди евра инвестиции.

Тој план генерално беше многу лош и погубен за Македонија, затоа што во најголем дел предвидуваше раздавање на државните ресурси на странски и домашни компании по принципот на приватно – јавно партнерство со минорна контрола од државата. Планот на Заев наместо во развој, ќе ја однесеше државата во стечај, а народот ќе го направеше слуга на коорпоративниот капитализам. Големи странски и компании на домашни транзициски ликови, ќе ставеа раце врз природните ресурси, со што всушност ќе станеа газди и на државата и на граѓаните?

И во овој дел, добро е што Влада си остана доследна на своето – да не ги реализира плановите што ги промовира. Но тој план имаше и две-три добри работи. На пример, инвестирање во постојните скијачки центри и бањскиот туризам. Или пак инвестиции во патната и железничката инфраструктура, особено во делот на „Коридорот 8″, кој Македонија ќе ја направеше главна врска помеѓу Црното и Јадранското море. На автопатиштата Куманово – Крива Паланка и Гостивар – Охрид, според овој план веќе одамна требаше ударнички да се работи. Но, ај што се уште автопат не гледаме, не гледаме ниту некој да работи.

Јасно е дека за привлекување на инвеститори, покрај искоренувањето на корупцијата и хармонизирање на правниот систем, потребна е и базична инфраструктура. На тоа поле не се работи, само се шминка и прикрпува. А шминките и крпениците развој нема да донесат! Ниту пак поевтино гориво или пониска цена на струјата.

Претходна вестКривичен го прифати обвинението за сообраќајката кај Сити мол
Следна вестГрабеж во банка во Капиштец, еден од разбојниците пукал