Власта пред да се јави во Грција да си одговори – кој е виновен за хаосот и понужувањето околу пасошите…

Конечно и власта почна да зборува за малтретирањето и понижувањето на граѓаните кои мрзнат со денови чекајќи ред за да ги сменат личните документи. По многуте реакции и жалби од населението дека наметнатиот ултиматум ги доведе до апсурдна и недостоинствена ситуација – вчера се огласи претседателот Стево Пендаровски и Предложи да се одложи наметнатиот датум. Набрзо прозборе и премиерот Димитар Ковачевски.

Ќе го решат ли проблемот кој самите го направија? 

Вадењето на нови лични документи го допира дното на човечкото достинство. Долгите редици и повеќечасовно чекање сега го заменуваат караници, туркање, па дури и кршење на влезните врати на пунктовите за фотографирање и вадење на новонаправените документи. Вака веќе е неодржливо бидејќи секој ден може да се случи некој полош инцидент со оглед дека крајниот рок на 12-ти февруари наближува.

Веќе е јасно дека до истекот на тој рок голем дел на граѓаните нема да успеат да ги сменат документите. Од едноставна причина што не може да дојдат на ред, ниту на пунктовите ниту да добијат термин преку телефонско закажување.

Сега да се јавите за термин ќе ви закажат за во октомври. А власта притиска да имаме документи со нивниот омилен збор „северна“ веќе во февруари.

Кој е виновен што има вакви апсурди?

Премиерот соопшти дека Владата наскоро ќе се изјаснела околу можно менување на ултимативниот термин, ама откако ќе била консултирана и Грција.

Не е познато дали ќе се изјасни и за тоа – зошто се дозволи да се дојде во ваква ситуација, граѓаните да не можат да дојдат на ред за замената на документите? Зарем целата операција и обврската не можеше подобро да се организира?

Владата мора да дојде до сознанието дека таа е пред се одговорна за слабата организација и за настанатиот хаос.

Кога тоа ќе си го признае, тогаш некако полесно ќе запне да бара решение. Белки срамот и моралот и совеста ќе ги натера министрите сосе премиерот да најдат начин да не биде понижуван и малтретиран народот во Македонија.

А можеше се да се организира навреме, кога веќе запнаа да угодуваат на странци што ќе пишува во македонските лчични документи. Зошто доцна се почна со издавање на новите документи?

Познато е, еден период имаше недостиг на обрасци, имаше голема навалица на граѓаните поради истечени лични документи во текот на ковид-кризата, и имаше издавање на пасоши со старото име на државата. Зошто долг период, по 11 јануари 2019 година па се до август 2021 година државата продолжи да издава, практично „неважечки“, пасоши со „Република Македонија“? Зошто тој период не е скратен?

Пред две и пол години, практично е започнат рокот за промена на патните исправи и за кое време требаше да се организира повеќе од два милиони македонски државјани да добијат нови пасоши, лични карти, возачки дозволи… Тоа, се чини, беше доволно време се да се организира – да се отворат повеќе телефонски линии, да се опремат поголем број на пунктови во најголемите градови, да се спроведе интензивна кампања на информирање со оглед на познатите навики на нашите граѓани обврските да се исполнуваат во последни моменти… Но, тоа не се направи.

Така, процесот на менувањето одеше бавно се до јули минатата година кога МВР објави дека февруари 2024 година ќе биде крајниот рок по кој личните документи со старото име на државата веќе нема да важат. Тогаш, практично, тргна лавината на барања на граѓаните и се појави проблем во слабата организираност на МВР. 

Ова треба да го увиди Владата. Потоа, пред се, да мисли за тоа како да се спречи понижувањето на сопствените граѓани. Тоа мора да се направи. Тоа е приоритет.

А ако веќе решиле да се јават и во Атина, нека им ги објаснат своите пропусти и нека бараат разбирање за тоа што ќе мора да го одложат терминот. Ама и да ги прашаат, зошто во Грција се уште на сообраќајните знаци стои „Скопиа“, наместо „Северна Македонија“ – име кои тие ни го избраа.

Претходна вестОсмани за изјавата на Коп: Блокирањето на нашиот пат кон ЕУ е директна причина за неможност за постигнување европски стандард
Следна вестМиланов: Инцидентот во М-НАВ не се случи во контролната кула, а Незири не учествуваше во него