Миланов: Инцидентот во М-НАВ не се случи во контролната кула, а Незири не учествуваше во него

Не е точно оти инцидентот се случил во контролната кула во М-НАВ, ниту, пак, во него учествувал Беким Незири, изјави денеска адвокатот на Незири, Еленко Миланов. Тој денеска, заедно со Незири, беа во Кривичниот суд Скопје кој треба да донесе одлука по жалбата на Јавното обвинителство за изречените мерки на осомничените лица за неодамнешниот инцидент со упадот на осум лица во М-НАВ.

Миланов тврди дека не биле нападнати контролори кои во моментот извршувале работни задачи и дека случајот се случил целосно зад грбот на Незири.

-Целата фама околу овој настан започна со една дезинфомација која постојано се повторува и на таа дезинформација се засноваат сите досегашни изјави и коментари како на стручната, така и на нестручната јавност, а тоа е дека што било се случило во контролната кула. Во овој настан ниту има нешто што се случило во контролната структура, ниту има нешто што се случува во близина на таа контролна кула, ниту, пак, со лице коешто во тој момент требало да извршува свои обврски во контролната кула. Тоа е првото и основно што ја направи оваа фама и разногласие, изјави адвокатот на Незири денеска од пред Кривичниот суд.

Миланов изјави и дека денешното појавување на Незири во Кривичниот суд покажува оти тој нема намера да бега, туку напротив, сака да го докаже она што се случило во М-НАВ на денот на инцидентот.

Инаку, Беким Незири, ексминистер, актуелен претседател на огранокот на ДУИ во Чаир и вработен во М-НАВ, е еден од осомничените за насилниот упад во М-НАВ што се случи пред точно една недела, на 4 јануари.

Претходна вестВласта пред да се јави во Грција да си одговори – кој е виновен за хаосот и понужувањето околу пасошите…
Следна вестМеџити: Има доволен број вакцини, да спречиме ширење на големата кашлица