Кривична пријава ќе добие сопственикот на фармата во Амзабегово во која почина еден работник

Кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за сопственикот на свињарската фирма во светиниколското село Амзабегово, ќе поднесе Државниот инспекторат за труд. Таму на 8 јануари на лице место од труење од хемиска супстанца почина 45-годишен работник, а неговиот 53-годишен колега,  кој притрчал да му помогне е со оштетување на мозокот.

Директорката на ДИТ Весна Томовска вели дека по извршениот надзор ја има утврдено фактичката состојба. Утврдено е дека работодавачот не ги презел потребните безбедносни мерки во делот на спроведувањето на работните обврски од страна на работниците, а коишто се однесуваат на Законот за безбедност и здравје при работа.

-Односно дозволил пристап на ангажираните работници на работни места, на кои биле изложени на сериозни и специфични опасности без притоа тие да добијат посебни упатства за работа. Самото место на извршувањето на работните задачи не било обезбедено со знаци за опасност, знаци за задолжително однесување, а работниците не носеле лична заштитна опрема за респираторна заштита, вели Томовска.

Посочува дека работодавачот не изготвил и не спровел изјава за безбедност, со спроведување на постапка за проценка на ризик на работните места, потоа не обезбедил потребна обука за безбедност и здравје при работа за работниците, воедно тој не им обезбедил и лична наменска опрема на работниците за респираторна заштита на двајцата работници.

Јавниот обвинител кога ќе ја добие кривичната пријава од ДИТ ќе ја одреди квалификацијата на делото и врз основа на тоа ќе се знае колкава ќе биде казната за работодавачот.

Претходна вестТешко повреден возач, се забил во оградата на автопатот Скопје-Тетово
Следна вестМицкоски: Новите пасоши може да се одложат со закон или со времена мерка на Уставниот суд