Здружение на инженери поднесе иницијатива за донесување Закон за изградба на „Чебрен“ со македонски сили

Иницијатива за донесување на Закон за изградба на големиот хидроенергетски проект „Чебрен“ со македонски сили до Владата и до македонското Собрание поднесе денеска Здружение на инженери на Република Македонија. Во неа се наведува дека се работи за иницијатива за Закон за финансирање на изградбата на водостопанско-енергетските објекти со име “Проект Чебрен“, како интегрално решение по должината на сливот на Црна Река. Тој е составен дел од Стратегија за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година.

-Бараме пратениците во Собранието или Владата, користејќи го своето право и должност, да ја прифатат оваа иницијатива за донесување на овој Закон. Целта на оваа Иницијатива е активностите на државните институции кои ќе бидат делегирани за спроведување на овој капитален проект од стратегиски интерес за државата, да се стават во законски рамки за да се овозможи непречена реализација, без обѕир која политичка партија ја формира Владата, се наведува во образложението.

Инженерите додаваат дека овој проект и е потребен на Македонија како држават и дека таа може финансиски да го поднесе неговото градење. Иницијативата, покрај другото, предвидува формирање на компанија, акционерско друштво, во 100 процентна сопственост на Македонија, со однапред дефиниран годишен буџет, кој не зависи од моменталната политичка гарнитура во Владата.

-Досегашното искуство со 14 Јавни повици за партнерство со инвеститори од други земји се покажа дека не е функционално. Причините се различни, затоа што и условите кога тие беа објавени беа различни. Битно е дека проектот е економски исплатлив и општествено корисен од енергетски водостопански и социјален аспект. Проектот е проследен со ризици поради стохастичката природа на водата како природен обновлив ресурс. Единствено е прашањето за колку години ќе се отплати инвестицијата. Ако Проектот не е исплатлив, не би се јавил ниту еден учесник на јавниот повик, потенцираат иницијаторите.

Се додава дека водата е со голема вредност денес, а во наредните десетлетија таа ќе станува сѐ поценета како стратегиски ресурс на секоја држава, но и во светски рамки.

Се наведува дека постојат поголем број предлог-решенија кои се на ниво на идеја, пред-фисибилити или фисибилити студија и во кои во суштина доминираат две насоки: Неколку брани во каскада со помала височина (Скочивир, Чебрен, Галиште, Орлов Камен) или Голем Чебрен (брана од 192 метри) придружен со мала брана Орлов Камен, за да се овозможи реверзибилна работа на постројките.

-Потребно е целата досегашна инвестициско-техничка документација од секторите на електростопанство, земјоделие, животна средина, академските институции да се собере на едно место. Врз основа на длабинска анализа, експертска работна група ќе дефинира најдобро прифатливо решение во однос на националните интереси на Република Македонија за кое ќе се изработи соодветна проектна документација (Идеен проект). Идејниот проект треба да биде ревидиран од реномирана ревизорска компанија. Следува изработката на главни проекти со кој ќе се дефинира реалната цена за изработка на овој проект. После тоа може да се пристапи кон изработка на План за реализација на Проектот во сите негови фази во кој е вклучен и начинот на финансирањето и протокот на паричните средства. Доколку не биде донесен овој Закон, реализацијата на овој капитален проект ќе биде зависен единствено од политичката гарнитура која е на власт, нејзиниот капацитет и приоритет со повеќегодишно одложување на решавањето и повторно отворање на дилемата: Јавно приватно партнерство или изградба на овој капацитет со сопствени сили, предупредуваат инженерите.

Претходна вестГермански лекари тестираат нов вид на радиотерапија за болните од рак
Следна вестПисател купил населба од 4 милиони долари и им ја подарил на самохрани мајки