Нови примери на функционери кои земаат високи плати објави денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ во рамките на аферата „Паразити“. Ивица Томовски, член на партискиот Централен комитет на прес-конференцијата наведе пример со кој Кире Наумов од СДСМ, директор на Македонска банка за обнова и развој, денес месечно зема над 2.500 евра плата.
-За една година тој наплаќа над 30.000 евра, а за еден мандат дури 120.000 евра. Значи додека владата им зема оброк на студентите, Наумов заработува на грбот на државата 2.500 евра секој месец, наведе Томовски.
Тој го наведе и примерот на директорот на АЕК, Јетон Акику, зема плата од 132.000 денари, поточно над 2.000 евра месечно или за една година околу 30.000 евра.
-Уште еден во низата функционери со високи плати, е и Славко Пројковски, финансиски директор во Телеком, каде сопственост има и државата, е со плата од над 6.000 евра месечно. Тој, за една година зема 72.000 евра, а за еден мандат од 4 години дури 288.000 евра, потенцира Томовски.
Според него, овие тројца функционери за еден мандат земаат речиси 1 милион евра.
-И не е единствен проблем немаштијата во која живеат поголемиот број на граѓани, туку и тоа што овие функционери со ништо не ги оправдале парите кои ги земаат. Народот, не гледа бенефит од нивната работа, рече тој.