Чесно е да се признаат грешките и за истите да се сноси одговорност, а доколку министерот Венко Филипче смета дека не ја организира работата како што треба, коректно е да поднесе оставка, побара денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во партиското соопштение се наведува дека се повеќе е јасно дека министерот за здравство Венко Филипче и Комисијата за заразни болести, не знаат во кој правец се движи Република Македонија во однос на пандемијата.
-На почетокот на пандемијата Венко Филипче прогнозираше бројка која одамна е надмината и веќе државата е влезена во огромен здравствен колапс. За лошата ситуација во јавното здравство говори фактот што веќе неколку инфектолози и медицински сестри ги напуштија работните места во јавното здравство и заминаа да работат во приватни болници, поради тоа што веќе долг период се соочуваат со реален проблем кој министерот Филипче упорно вели дека не постои, а тоа се лошите услови за работа и недоволната заштита која е неопходна во време на ваква пандемија, обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Ова партија смета дека за ваквото лошо менаџирање со јавното здравство во ваква пандемија, некој треба да сноси одговорност.
-Изгубени се многу човечки животи, а за жал бројките на новозаболени изминатите неколку дена се движат околу 400 во само 24 часа. Чесно е и да се побара помош од здравствени работници кои имаат идеја како понатака, се со цел намалување на бројките кои секојдневно ја разбрануваат јавноста и ги држат во неизвесност луѓето кои поради немањето визија на одговорните, трпат за леб и не знаат до кога ќе трае здравствената, а со тоа и економската криза, потенцираат од партијата.