ВМРО-ДПМНЕ поднесе претставка до антикорупциска за фирма на советник од СДСМ во Град Скопје

 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе претставка до антикорупциската комисија за фирмата „Бригада дизајн“ на советникот од СДСМ во Град Скопје, Бојан Ивановиќ, изјави Димче Арсовски, портпарол на партијата.

-Денеска сме пред антикорупциската комисија и ќе поднесеме претставка за фирмата ‘Бригада дизајн’ ДООЕЛ Скопје, чиј директор и еден од сопствениците е Бојан Ивановиќ, советник од редовите на СДСМ во Град Скопје. Фирмата на Бојан Ивановиќ, советник и член на СДСМ, зела тендери од Фондот за иновации и Регулаторната комисија во висина од над 10 милиони денари, а јасно е каде е сомнежот и тоа веќе неколку дена го говориме, а од СДСМ и од власта има единствено молк, истакна Арсовски.

Дополнително, рече тој, бараме антикорупциската комисија да се разбуди од зимскиот сон и да почне да работи, да не чека дозвола ниту од Љупчо Николовски ниту од Зоран Заев.

-Уште еднаш ги потсетувам антикорупционерите и нивната претседателка дека се независно тело, а не тело што треба да ја командува Владата, како што впрочем гледаме дека, за жал, сега се случува тоа, и да отворат случај да ги истражат овие сомнителни тендери за кои говориме неколку дена, а има класичен молк, кој, најверојатно, значи потврда дека се фатени живи во сомнителен криминален тендер со СДСМ, рече Арсовски.

Претходна вестОтворени шахти долж булеварите „Илинден“ и „8 Септември“, нема решение за кражбите
Следна вестСтопанствениците предложија 15 мерки за поддршка од Владата – најважната е тие да се спроведат