Оставки од премиерот Зоран Заев, министерот Бујар Османи, вицепремиерот Никола Димитров и други со цел да се спречи продажбата на македонски национален идентитет во преговорите со Бугарија, беа побарани на денешните протестни блокади на опозициска ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните со транспаренти на кои беше испишано „Заев оди си“, „Оставка на Заев – Слобода на народот“, „Да ја одбраниме последната црвена линија“… во периодот од 12.30 до 14 часот ги блокираа објектите на Владата и на Министерството за надворешни работи.
-Уште денеска мора да се стави крај на распродажбата на сѐ што е македонско од страна на Зоран Заев. Еве веќе една седмица, граѓаните на Македонија, од сите краеви на Македонија го креваат гласот против најголемото национално предавство кое и се случува на Македонија. Ова овде, оваа блокада е уште еден сигнал за оние кои седат позади, тука на чело со Зоран Заев, дека денес, сега, ова е моментот во кој треба да поднесат оставка и да престанат да ја понижуваат Македонија и македонскиот народ, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николски зборувајќи на протестот пред Владата.
На протестот пред зградата на МНР Антонио Милошоски, член на партискиот Извршен комитет побара оставка од оние кои викендот преговараа со нивните колеги од Софија, односно од министерот за надворешни Бујар Османи и неговите соработници.
-Да го поздравиме министерот Бујар Османи со едно барање на оставка. Оставка од тие кои овој викенд беа затворени во МНР, министерот и тројца негови соработници и преговараа целодневно со нивните колеги од Софија, во чие име преговараа што преговараа и што договорија, на чија сметка, кој им дал мандат да преговараат она што е традиција, интерес, историја, книжевност и јазик на македонскиот народ. Затоа почитувани да не се чудите зошто Бујар Османи и Никола Димитров и Зоран Заев не доаѓаат во Собрание, затоа што тие се навикнати на тајни преговори. Тајни преговори кои потоа ќе ги плати народот како што и досега и овие неуспешни политики на владата ги плаќа народот, потенцира Милошоски.
Според него, за жал, од ветувањето за живот за сите и европска Македонија нашата држава станала само полошо место за живеење.
Милошоски во своето обраќање потсети и на тоа дека Бујар Османи и Никола Димитров ветуваа дека ќе си поднесат оставки и доколку Македонија не добие датум за преговори, но очигледно им е удобно во фотелјите и заборавија на ова ветување.
-Ќе дојде за брзо денот кога и да сакате и да не сакате во Собранието ќе бидете разрешени од вашите функции. Вашето време поминува, уште малку време остана за оваа влада која краде дури дел од историјата, идентитетот за да го продолжи своето владеење, додаде Милошоски.