ВМРО-ДПМНЕ: Владата да каже за каков хибриден напад обвинуваат и зошто не бил спречен

Владата да каже за каков хибриден напад обвинуваат и зошто не бил спречен, дали се прави дефокус од одговорноста за продажба на државните интереси, праша ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение.

Опозициската партија бата од Османи и Маричиќ да образложат што точно подразбираат под хибриден напад во државата. Доколку навистина имало напад врз државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ, мора да има одговорност, бидејќи не било спречено на време и државата била нападната.

„Додека на Димитар Ковачевски за тоталниот неуспех во преговорите и неуспехот во распродажбата на државните интереси му се виновни експертите и граѓаните, на Бујар Османи и Бојан Маричиќ им е виновен хибридниот напад врз државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Како што се додава, најголем хибриден напад кој и се случува на државата е владата на СДСМ и ДУИ, предводена од Ковачевски.

Од партијата коментираат дека вчера и Османи и Маричиќ јавно признале дека ја лажеле целокупната македонска јавност со денови, со тврдењето оти го немале видено и разгледано францускиот предлог.

Опозицијата обвини дека Османи и Маричиќ го преговарале и договарале, повеќе од 6 месеци, овој штетен предлог за Македонија, кој на крај и го прифатиле, за подоцна да се повлечат после притисокот на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните.

„Целиот план на Ковачевски, Османи и Маричиќ им бил преку блиц криг предлогот веднаш да помине во бугарското Собрание, што е одолговлечено поради оставката на бугарската Влада, а потоа и блиц криг операција за поминување на овој предлог во Македонија, преку креирање на еуфорија за почеток на преговорите. Одговорност за овој целосен дебакл во процесот за преговори со ЕУ мора да има за Бујар Османи и Бојан Маричиќ, одговорност и оставки за оваа трајна штета во преговарачкиот процес. Изборите се единственото решение“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Османи и Маричиќ вчера истакнаа дека министри од Владата деновиве биле цел на хибридни закани во обид да се сруши македонската позиција за францускиот предлог и заклучоците на Европскиот совет.

„Имавме хибридни закани за министри и политички партии со кои се обидуваше да се урне нашата државна стратегија и државните позиции за спорот со Бугарија, кои може да се исчитаат во контекст на кривични постапки. Некој се обидуваше да ја урне нашата позиција. Тие хибридни закани треба да се истражат, да се види дали се дел од некои сценарија, бидејќи можно е некои да избрзаа од наивност, но некои учествуваа свесно и организирано“, рече Османи.

Претходна вестСончево и топло, попладне нестабилно со дожд и грмежи
Следна вестВо Скопје санкционирани 168 сообраќајни прекршоци, 49 за пребрзо возење