ВМРО-ДПМНЕ: Заради неспособноста на здравствените власти изминатата недела починаа над 180 наши сограѓани

Неспособноста на власта да се справува со пандемијата вчера одзеде уште 24 животи и скоро 2.000 нови позитивни случаи од КОВИД-19. Изминатата недела во Македонија починаа над 180 наши сограѓани заради неодговорноста на оваа неспособна власт, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

„ Уште од самиот почеток на пандемијата сите мерки кои беа донесени од страна на власта беа задоцнети и не дадоа никаков резултат во превенирање на ширењето на заразата, а со тоа се покажа дека здравствените власти немаат никаква стратегија ниту капацитет да ги заштитат граѓаните од корона вирусот. Во моментот во државата има скоро 20 илјади активни случаи на корона вирус или колку еден поголем град во Македонија и над 8.300 починати како последица на КОВИД- 19“ се наведува во соопштението.

Оттаму ги повикуваат министерот Беким Сали и Владата да ја преиспитаат одлуката за започнување на второто полугодие за учениците во услови кога сојот омикрон коси во државата.

„ Затоа предлагаме наставата од второто полугодие за учениците од четврто до деветто одделение да продолжи онлајн во наредните две недели, а од прво до трето одделение наставата да започне со физичко присуство, но секојдневно да се следи епидемиолошката состојба во училиштата низ Македонија“ велат од партијата.

Според опозициската партија потребни се итни мерки за спречување на ширењето на КОВИД-19 во државата.

„ Додека секојдневно ни умираат по десетици наши граѓани Комисијата за заразни болести молчи, а неодговорните власти не нудат никакви мерки за справување со кризата“ додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходна вестПроменливо облачно со сончеви периоди
Следна вест191 санкции во Скопје, 58 за брзо возење