Во Македонија поважно е дали лидерот има поддршка од “Големиот брат“, а не од народот

Познатиот историчар и архивист Бранислав Светозаревиќ смета дека едни од најголемите грешки што се направија во Македонија сe е партизацијата и отсуството на правна држава… 

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви навираат?

– Од безгрижното детство во Тетово и прекрасните пејсажи на Шар Планина, сините води на Охридското Езеро. Моето семејство и безбројните дружења со пријателите и другарите. Кога ќе кажам Македонија тука е и македонската песна. Мислите за Македонија ми се со измешани чувства на љубов и сериозна загриженост.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија?

– Првата грешка е Уставот кој не се направи според граѓанскиот концепт на современа македонска нација, во кој што сите граѓани на Македонија ќе беа Македонци, во кои немаше да има ниту малцинстава ниту мнозинство. Правата на сите граѓани, лични и колективни, ќе беа заштитени според принципите кои се применуваат во ЕУ и западните сфаќања на современите држави. Втората крупна грешка е целосната партизација на администрацијата, која наместо стручни и компетентни лица вработува партиски кадри, неспособни да одговорат на работните задачи. Партизацијата значеше и меѓупартиска и внатрепартиска безпоштедна борба за функции, тоа доведе до ерозија на институциите кои се столбови на државноста. Третата крупна грешка е неспроведување на правната држава. Иако постои Устав и закони, тие не се спроведуваат ниту од судската, ниту од извршната власт. Законодавната власт е во целосна потчинетост на извршната власт. Законодавната власт не одговара на народот, туку на лидерот на партијата, лидерот на партијата одговара на “Големиот брат“ – читај “меѓународниот фактор“ и не одговара на пратениците и народот. Во нашата држава поважно е дали лидерот има подршка од “Големиот брат“, а не од народот. Според тоа, лидерот на партијата е должен да ги спроведува желбите на меѓународниот фактор, затоа што без негова “подршка“, не може да опстане на власт.

Терминот “независна држава“ е флоскула за секое потсмевање. Никогаш нашата држава не била позависна, во политички, економски, воен, културен, а во последниве години и национален план, во кој мнозинскиот народ полека прераснува во народ од втор ред.

 Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

– Со оглед на тоа дека властите не чувствуваат никаква одговорност за своето неработење, тие се во состојба, наместо да создаваат услови за развој на стопанството тие бесконечно ја задолжуваат земјата и ги исполнуваат само своите лични интереси и интересите на меѓународниот фактор и неговиот банкарски и монетарен систем на сигурни профити. Народот за ништо не е прашан.

Дали Вие и дадовте доволно на Македонија?

– Никогаш не е доволно. Сепак, доколку секој чесно и одговорно би ја работал својата работна задача, Македонија би изгледала многу подобро. Сметам дека сум одговорен кон својата дражава. Она што можев да го сторам во мојата струка за државата, мислам дека сум го направил со голема љубов и докажани резултати.

Со што најмногу се гордеете во нашата татковина?

– Најмногу се гордеам со природните и културни вредности на Македонија и гостопримството на народот.

Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

– Во државата ми недостасуваат повеќе среќни и повеќе млади луѓе. Ништо не би одзел.

Во каква Македонија сакате да живеете?

– Би сакал да живеам во правна држава во која не е важно од која националност или вера си, но е важно дали работиш според законите или не. Би сакал да живеам во Македонија, чии граѓани реално ќе можат да влијаат врз судбината на државата и сопствената судбина во неа. Би сакал да живеам во еколошки чиста држава. Сакам да живеам во Македонија како рамноправна членка на ЕУ, во која ќе се почитуваат правата на Македонците во сите нејзини членки. Впрочем, да се спроведува правото и правдата кон мојот народ онака како што важи и за останатите народи, ни повеќе ни помалку. Би сакал да ја доживеам Македонија како држава во која, моите деца и моите внуци не би сакале никогаш да ја напуштат. Мислам дека тоа не е многу што го посакувам.

Претходна вестСамо на земјата имаат проблеми: Двајца Руси и еден Американец со руско летало заминаа во вселената
Следна вестДа не се лажеме, главен симбол на Скопје е ѓубрето, а не Камениот мост