Континуираните загуби негативно се одразуваат на тековното и идно работење на друштвото, не овозможуваат негов развој и го доведуваат во прашање ефикасното, трајното, уредно и квалитетно вршење на дејноста како јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај, се наведува во денеска објавениот конечен ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија на АД за поштенски сообраќај Пошта на Република Северна Македонија во државна сопственост Скопје.
Согласно ревизорскиот извештај друштвото се наоѓа во неповолна финансиска положба почнувајќи од 2017 година, при што во континуитет остварува загуби од работењето, а најголема загуба во износ од 229.883 илјади денари или 3.726.000 евра е искажана во 2022 година.
– Друштвото се соочува со голема задолженост по основ на заеми, кредити и пресметани камати, кои не се сервисираат навремено, што дополнително ја влошува финансиска состојба и ја нарушуваа ликвидноста. Вкупните обврски за краткорочни кредити и заеми на крајот на 2023 година изнесуваат 219.650 илјади денари, а се однесуваат на земен краткорочен заем од МЕПСО – АД за пренос на електрична енергија во износ од 100.000 илјади денари и два краткорочни кредити од деловни банки во вкупен износ од 119.650 илјади денари. За доспеаните, а неисплатени кредити во 2024 година, пресметана е договорна казнена камата од 24,45% или 6,7 милиони денари, односно 109.000 евра, се вели во извештајот.
Ревизорите направиле анализа на квалитетот на услугите опфатени со универзалната услуга и утврдиле ненавремена достава на пратки. Во 2023 година, 59,7 отсто од пратките биле доставени во првиот ден, додека 30,5 проценти биле доставени во период подолг од три дена. Овие резултати укажуваат на отстапување од целите поставени од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75 отсто и максималниот стандард од 88 отсто за успешно и навремено доставени пратки.
Ревизорите утврдиле и сериозни неправилности во работењето на АД Пошта на Северна Македонија.
– Недостасуваат точни и усогласени евиденции за земјиштето и градежните објекти, што влијае на квалитетот на податоците во трговските книги. Дел од објектите, како и два одморалишта во Охрид вредни 6,4 милиони денари, се во лоша состојба и потребна им е санација, а за еден е утврдено бесправно користење, посочуваат во извештајот од ДЗР.
Исто така и процесот за поделба на имотот меѓу АД Пошта и Македонски Телеком, започнат во 1996 година, не е завршен, а од 2017 година е запрен и до денот на ревизијата не се дадени насоки за понатамошно постапување со заедничкиот имот на двете друштва.
Законот за поштенските услуги пропишува давателите на поштенските услуги да плаќаат годишен надоместок на Агенцијата за пошти. За 2023 година, АД Пошта на Северна Македонија требало да плати 23.461 илјади денари, но поради финансиски тешкотии, друштвото ненавремено ги подмирило овие обврски, што резултирало со каматни трошоци од 1.990 илјади денари. Сите обврски биле подмирени во април 2024 година.
Со ревизијата утврдени се чести измени на актот на систематизација, особено во однос на бројот на извршители, работното искуство, степенот на образование и видот на стручна подготовка. Утврдени се и неправилности во пополнување на работните места и евиденцијата на работното време, како и во пресметката на додатоци, надоместоци и награди за дел од вработените. Понатаму, друштвото има склучено договори со 276 пошторазнесувачи, но дел од нив, наместо за договорените услуги, ангажирани се за извршување на други административни задачи.
Во извештајот од ДЗР се подвлекува дека во септември 2023 година и покрај континуираниот негативен финансиски резултат, друштвото извршило зголемување на месечната нето плата на директорите на сектори, заменик генералниот и генералниот директор за 42 птсто до 58 отсто соодветно, што не е во согласност со Законот за трговски друштва. Според законот, во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состојба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции, предвидени во менаџерскиот договор може да се намалат.