Во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Три генерации Ташковски“.
Поздравен говор на отворањето ќе има претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, а изложбата ќе ја отвори академик Газанфер Бајрам.
На изложбата ќе бидат претставени делата на трите генерации ликовни уметници почнувајќи од Ристо Ристовски, академик Васко Ташковски и Лара Ташковска.
Ристо Ристовски е роден 1912 г. во с. Нижополе, Битола. Со сликарство активно се занимава од 1976г. до 1982г. Во тој период насликал 314 слики во техника темпера.
Васко Ташковски е роден 1937г. во с. Нижополе, Битола. Дипломирал на Академијата за применета уметност во Белград 1964г. Покрај сликањето во маслена техника работи и акварел, цртеж и графика. Има реализирано 52 самостојни изложби и е добитник на 18 награди и признанија.
Лара Ташковска е родена во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот сликарство. Таа е македонска современа ликовна уметница која работи во техниките масло, акрил и акварел и поседува приватно училиште за ликовни уметности – Ателје за цртање и сликање во Скопје.