Купишта расфрлано ѓубре, пластични шишиња, кеси, кутии, хартии, секакви опаковки… денеска најдоа излетниците кои го посетија Марков манастир во близина на Скопје. Шокираните граѓани фотографии на кои се гледа колку е загадена околината на преубавиот манастир испратија и до редакцијата на „Скопско ехо“ за да се алармира за се потешкиот проблем. Тие укажуваат дека ѓубрето се наоѓа во непосредна близина на манастирот, веднаш зад ѕидот, но го има во целиот круг околу храмот.
-Не можев да поверувам дека кај манастириот ќе видам ваква глетка. Ова е вистинска депонија. Сакаат ли несовесните граѓани и околината на манастирот да ја претворат во депонија. Од манастирот ни рекоа дека вака е со денови.. Ѓубрето го оставаат излетниците и никој не го собира. Сега почна и реката да се полни со него, ни рече скопјанецот кој ни ги испрати фотографиите.
За хигиената не помага ниту контејнерот кој е во близина на манастирот. И околу него стои расфрлено ѓубре кое никој не го собира.
Инаку, ова популарно излетничко место и денеска беше со многубројни излетници. Тие си вртеа скари, ладеа пијалоци во реката… Што ќе остане по нив, односно, дали ќе ги соберат отпадоците по нив ќе се види веќе вечерва.