Во Њујорк: Пендаровски се заблагодари на Шолц, па и Ковачевски се заблагодари…

Македонскиот претседател Стево Пендаровски сосе делегација е во САД, во Њујорк. И македонскиот премиер Димитар Ковачевски сосе делегација е во САД, во Њујорк.

Додека јавноста се прашува мораше ли и двајцата да одат на далечниот и скап пат, од Њујорк стигнуваат соопштенија за нивните тамошни активности. И двајцата имале одвоени средби со германскиот премиер Олаф Шолц.

Пендаровски се сретнал со Шолц на маргините на 78. Генерално собрание на Обединетите нации. Притоа, разговарано е за билатералната соработка меѓу Македонија и Германија, европската перспектива на земјава и актуелните случувања во регионот.

-Пендаровски изразил благодарност за досегашната принципиелна поддршка и посветеност од Германија како еден од нашите најблиски сојузници и изрази очекување за натамошна силна поддршка од германските власти во процесот на пристапните преговори, се наведува во соопштението од претседателскиот Кабинет.

Премиерот Ковачевски, пак, имал куса средба со германскиот канцелар, Олаф Шолц, во рамки на настанот за одбележување на 50-годишнината од членството на Германија во Обединетите нации, што се одржа во седиштето на Организацијата во Њујорк.

Ковачевски се заблагодарил на канцеларот за соработката меѓу двете земји во рамките на ОН, но и на билатерална основа во изминатите 30 години, што ја истакнува Германија како еден од најблиските европски партнери на нашата земја.

На средбата било нагласено дека Германија ја очекува Македонија во Европската Унија посочувајќи на фактот дека евроинтеграциите и европскиот пат се најдобрата и единствена алтернатива за земјата.

Претходна вестИџе слави, пак е европски шампион, пак ги „прелета ридиштата“…
Следна вестУкраинци се обиделе нелегално да внесат препарирана глава од алигатор, воени шлемови, револвери…