Непријавена марихуана е најдена во охридска фирма која се за занимава со одгледување на канабис за медицински цели а по што ќе следи кривична пријава, соопшти денеска МВР. Полицијата извршила претрес во нејзини објекти за одгледување на канабис за медицински цели.
МВР соопшти дека на 03.08.2022, врз основа на наредба од Основен кривичен суд Скопје, од страна на полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за недозволена трговија со дрога и Единица за финансиски криминал, полициски службеници од СВР Охрид, заедно со членови од Комисијата за оценување на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на канабис за медицински цели, извршен е претрес во објекти сопственост на правно лице од Охрид, лоцирани во Охрид.
-За време на контролата на документацијата и производите од канабис било констатирано дека во правниот субјект фигурира непријавена наркотична дрога марихуана со висок квалитет, за која не постои никаква евиденција. Наркотичната дрога е одземена и со наредба од надлежен Јавен обвинител ќе биде предадена на вештачење, а по комплетирање на случајот, од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал против правното лице и одговорните лица во субјектот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за стореното кривично дело, се наведува во информацијата.