Под транспарентот „Жените се малцинство“ годинава стартува осмото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „ПРВО ПА ЖЕНСКО“, во организација на Тиииит! Инк – Скопје. Ќе трае од 17 до 23 август а ќе се одржува во Младинскиот Култирен Центар во Скопје, ЦАЦ Монтажна Галерија и Музејот на современа уметност.
Пет дена ќе се случуваат изложби, разговори, работилница, концерти, диџеј сетови и проекции на филм.
-Со ваквото политичко позиционирање имаме цел да го преиспитаме значењето на терминот „малцинство“, свесно одбегнувајќи ја неговата национална, доминантна претпоставеност. Сакаме да посочиме дека во значењето на овој поим многу поважни се, всушност, односите на моќ помеѓу најразличните општествени групи, како и доминацијата на едни врз други. Таквата доминација секојдневно се случува преку вкоренети штетни политички уредувања и општествени норми, кои подразбираат дискриминација на мноштво идентитети што не се вклопуваат во идеалот што му е припишан на хегемониското мнозинство. Токму затоа, прашањето за малцинствата е и феминистичко прашање, велат организаторите.