Во „правна дупка“ ли пропаднаа и сите нерегуларности при смената на Дамева?

Судскиот совет денеска на седница во 11 часот треба да гласа за избор на нов претседател, откако доскорешната претседателка Весна Дамева беше разрешена во средата, во тензична атмосфера и според мислење на експерти, во незаконска постапка. Директен повод за смената беше нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка и наводното криење на писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер. Нејзиното разрешување го иницира заменикот Селим Адеми, предлог кој по неколку часа тензии и расправии, доби поддршка од 7 од 13 члена на Советот.

Првично беше најавено дека наследникот на Дамева ќе биде избран ден по нејзиното разрешување, но заменик-претседателот на Советот Адеми во четвртокот побара одлагање на изборот за неколку дена, поради, како што рече, важноста на прашањето како што е избор на нов претседател, за кое би било добро присуство на сите 13 членови. Истовремено, Адеми деновове даде објаснување за смената на Дамева со наводот дека постои „правна дупка“ кога станува збор процедурата за разрешување на претседателот на Судскиот совет.

-Претседател се избира со 8 од 13 членови на Судскиот совет, но со Законот не е регулирано со колку се разрешува и тука е правната дупка. Никаде не пишува дека ако те избираат со 8 гласа и те разрешуваат со 8 гласа. Добро би било Комисијата за реформи во Министерството за правда да го регулира ова прашање. Се што не е забрането со Устав и со закон е дозволено. Правните експерти погрешно ги толкуваат правилата, тврди Адеми.

Меѓутоа, Адеми заборави дека забелешките на правните експерти не беа врзани само за чинот на гласањето на членовите во Судскиот совет. Коалицијата „Сите за правично судење“ за седницата на Судскиот совет на која беше разрешена Дамева изнесе цела низа забелешки за спорната процедура којашто и претходила на гласањето за разрешување.

Прво, според Коалицијата, не е дадено образложение зошто од електронско во гласање со кревање на рака е сменето изјаснувањето за дополнување на предложениот дневен ред.

-На седницата воопшто не беше ставен на усвојување Дневен ред за седницата иако е тоа пракса. Ако не бил усвоен, не било можно да се премина на дискусија по точките и при дискусија за меѓучовечките односи во Советот, не би можело да биде додаден предлог за разрешување на претседателот на Советот во рамки на дискусијата за меѓучовечките односи, наведува Коалицијата.

Ова организација наведе дека во постоечките прописи е предвидена постапка и услови за избор на претседател на Судскиот совет, но не и постапка, услови и основи за разрешување, во кој поглед постојат само одредби за дисциплинска постапка и одговорност на член на Советот.

-Дотолку повеќе што и во членот 36, став 1 од Законот за Судскиот совет на РСМ таксативно се набројани надлежностите на Советот, од каде е очигледно дека истиот може да одлучува само за дисциплинска одговорност на член на Советот, а не и за посебно разрешување само од функцијата претседател на Судски совет. Оттука, може да се заклучи дека престанок на мандатот на претседателот на Судскиот совет пред неговиот истек, е можен само доколку постои престанок и на неговиот/ нејзиниот мандат како член на Советот. Следствено на ова, престанок на мандат, во смисла на разрешување, може да постои само како резултат на сторена дисциплинска повреда согласно членот 34 од ЗССРСМ. Сепак, за да постои каква било дисциплинска мерка или разрешување на член на Советот, претходно мора да биде спроведена дисциплинска постапка согласно членот 35 од ЗССРСМ, односно да биде поднесено формално образложено барање поткрепено со докази, доставено од кој било член на Советот или најмалку 20 судии, тврдат од Коалицијата.

На сите овие забелешки заменикот Адеми или некој друг од членовите на Судскиот совет не даде објаснување иако се работи за кршење на процедурата. Значи ли тоа дека и тие пропаднаа во „црната дупка“ иако е јасно дека се правно регулирани и дека новиот претседател ќе биде избран и покрај тоа!?

Претходна вест„Голф“ паднал во провалија на Скопска Црна Гора, повредени три лица
Следна вест„Средноленд“ на повеќе локации од денеска во Скопје