За македонскиот познат музичар Благој – Блаж Маротов сите граѓани мора да придонесуваат за менување на сликата на градот Скопје која и не е толку убава. Тој во своето интервју за неделникот „Скопско Ехо“ пред некој месец истакна:
Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Уфф... кај мене зборот ,,Скопје“ ги буди сликите кога прв пат стапнав како дете 1971, а подоцна и се доселив во 1975–тата. „Партизанска“ улица, Пионерски дом, Аеродром (тогаш беа полиња, бавчи). Подоцна, мојот живот е врзан со Дом на млади „25 Мај“, со бендови, Градски трговскиот центар… Со еден збор, убавиот период на градот.
Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
– Секако Скопје од порано, тогашното Скопје. Можеби сега е убаво изградено, но мене ми делува страшно, во буквална смисла на зборот. Чувствувам страв кога се движам, дали пеш или со автомобил. Не се чувствуваме сигурни, се чувствува неред, почнувајки од сообраќајот па натаму. Луѓето се затвараат во себе, ја нема блискоста меѓу луѓето, секој цели само кон својот интерес.
Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
-Градоначалниците сакаат да направат нешто, сакаат да исполнат некои од своите ветувања, но се чувствува дека не можат да го совладаат или контролираат притисокот од корупцијата, непочитувањето на законите. А кај некои, низ изминатите мандати веројатно (барем според одредени реакции во јавноста) имало и недоволна грижа за градот, па можеби и злоупотреба на својата позиција!
Дали Вие доволно му дадовте на градот?
– Да секако, на ,,мојот” град, (тука живеам скоро половина век) сум дал неспоредливо повеќе, од тоа колку сум добил. Овде мислам на сите мои активности од моето школување, па потоа и како сестран уметник, делувајќи на бројни настани низ еден долг период: Многу од тие и недоволно забележани во тоа време во нашите кругови (за жал) а дел од нив беа поинтересни за медиумски простор во екс–Југославија отколку овде.
Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Искрено, подзастанав да пронајдам на што сум горд на денешно Скопје, и, ете, се уште не ми доаѓа нешто на што би бил горд. Едноставно и во секојдневни контакти и разговори со пријатели, не гледам нешто убаво неутрално. Убавата нова архитектура не ја земам како причина за убаво во контекс на ова прашање. Иако визуелниот изглед е убав, оставајки ги на страна полемиките за стилот. Тоа е веќе друга тема.
Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
– Во светски рамки Скопје е мал град, но, за просторот на Република Македонија, е и голем град. Дали треба да се намали?!! Секако дека не може да се намали, но може, и би требало подобрување на условите, сестрано, во другите градови и населени места во Републиката, како би се намалила миграцијата и ширењето на Скопје.
Во какво Скопје сакате да живеете?
– Сакам Скопје да е европска метропола, иако во европски рамки е мал град, но тоа воопшто не е причина да немаме почит кон хигиената во градот, да имаме непочит во сообраќајот, во меѓучовечките односи... Сето тоа прво се учи дома, па во образованието. Но, мора да веруваме и да приднесуваме сите секојдневно за менување на таа слика.
Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
– Темелно недостасува, општа култура, почнувајќи од улицата. Често знам да изустам дека на улицата сс среќаваме сите, граѓани од сите профили. И тука, за жал, секој од нас си го покажува личното, однесување,