Во ковид центрите во Скопје во изминатите 24 часа ве примени нови 40 пациенти позитивни на вирусот на ковид- 19. На интерните клиники имало вкупно 10 приеми и тоа 6 во ковид центарот на Клиниката за Кожни болести и 4 пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ. На Клиниката за Инфективни болести во изминатото деноќие имало 20 приеми, а во ковид центарот во ГОБ 8 Септември се примени 10 нови пациенти.
На Кожната клиника во ковид центарот во моментов се лекуваат 30 пациенти, на Клиниката за неврологија 25 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 54 пациенти со симтоми на корона вирусот. Во ГОБ 8 септември има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 157 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 41 пациенти, од кои 14 деца и 27 возрасни.
Вкупно 347 пациенти потврдени и сомнителни за ковид- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
-И покрај големиот број на приеми, слободни места во моментов има доволно во ковид центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември, објаснуваат од Министерството за здравство.
Инаку, од викендот пациенти ќе почнат да се примаат и во новите ковид центри на Клиниката за Нефрологија и на Клиниката за гастроентерохепатологија.