Бројот на приеми на заболени лиц аод Ковид – 19 во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 146 слободни места, соопшти денеска Министерството за здравство.
-Се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Инаку, вкупно 300 лица сомнителни и потврдени за ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и голем дел од нив се на кислородна поддршка, информираат од Министерство за здравство.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 700 и има околу 560 празни болнички кревети во ковид центрите.
Во ковид центрите во Скопје вчера се хоспитализирани 14 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Во последното деноноќие, на интерните клиники немало приеми. Додека, пак, во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ имало седум нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника шест. Во изминатите 24 часа, исто така, дома се пуштени 19 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 16 пациенти, на Клиниката за неврологија 19 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 17 пациенти со симтоми на корона вирусот, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 12 пациенти, на Клиниката за очни болести шест пациенти, а на ОРЛ 16 болни. На Клиниката за Гастроентерохепатологија лежат 22 пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 95 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 77 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 20 пациенти.