Во Словенија се незадоволни од квалитетот на воздухот иако речиси никогаш не ја преминува границата на загаденост, а кај нас…

Границата на таканаречените ПМ честички, чија концентрација е индикатор на загадувањето на воздухот, во Словенија речиси никогаш не ја преминува законски дозволената, но во словенечката Агенција за заштита на животната средина укажуваат дека не се задоволни од квалитетот на воздухот во одредени периоди на годината.

Само за споредба во Скопје утринава се измерени 173 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички, и е 19,6 пати над дозволените граници, според мерните вредности на СЗО.

Првото мерење на квалитетот на воздухот во Словенија почнало во 1968 година кога се мерела концентрацијата на сулфур-диоксид (SO2), а во 1996 година Љубљана ја добила својата прва мерна станица.

Претставничката на Агенцијата за животна средина која се бави со загадувањето на воздухот Рахела Жабкар кажа дека Словенија поради конфигурацијата на теренот има проблем со овој вид загадување.

– Постојат 22 мерни места во Словенија, а мериме во согласност со законот. Во последните години го имавме најголемиот проблем со загадувањето на воздухот во зимските денови поради греењето, односно малите потрошувачи, вели Жабкар.

Во зима, како што кажа, постои проблем поради комплексниот терен бидејќи Словенија е сочинета од котлини и долини.

– Најголемото загадување е во зима, кога котлините не се проветруваат и кога воздухот се задржува во слоеви на дното, истакна Жабкар.

Како што наведе, најзагадените подрачја во тој период се Љубљана, Целје, Загорје и Трбовлје.

Словенците се трудат да го почитуваат законодавството што се однесува до екологијата, компаниите, според претставникот на Агенцијата, одговорно постапуваат и вложуваат во еколошки технологии.

Земјоделството, според нив, биде требало да ја намали употребата на ѓубрива и емисијата на амонијак, а поединците можат одговорно да се однесуваат со тоа што нема да согоруваат на несоодветни места стара хартија, картон, влажно и хемиски третирано дрво (иверка, боено, лакирано дрво), пластика, амбалажа, крпи и друг отпад.

Домаќинствата кои се греат на шпорети кои користат нафта или гас би требало, според препораките, да водат сметка дали се исчистени или правилно нагодени.

Ако домаќинства се греат на дрвна биомаса, тогаш дрвото кое се согорува мора да биде механички обработено и суво.

Кога во 2007 година Словенија влезе во Европската Унија, почнале промените кои резултираа со тоа Љубљана, главниот град на Словенија со 300 илјади жители кој се простира на 275 квадратни километри, да стане пешачка зона.

Градоначалникот на Љубљана Зоран Јанковиќ кажа дека во 2007 година, кога пукнала цевка на една од улиците на самиот влез во градот, одлучил да ја затвори и „никогаш повеќе да не ја отвори за сообраќај“.

– Тоа е единствениот пат кога им кажав на работниците: Мајстори, полека. Шетав по улицата и броев колку е потребно чекори до поштата, разни објекти и други улици. Сфатив дека тоа е 200 метри на една или друга страна. Никогаш повторно не ја отворивме таа улица, кажа градоначалникот на Љубљана.

За оние кои не можат долго да шетаат, набавени се седум возила, таканаречени кавалери, кои бесплатно ги возат граѓаните и туристите по градот до саканите дестинации.

Според податоците кои ги изнесоа претставници на Градската куќа, во Љубљана дневно доаѓаат 120.000 возила. За сите тие да не влегуваат во центарот на градот, изградена е мрежа паркинзи кои се наоѓаат во близина на железничката и автобуските станици. Билет за паркирање чини 1,3 евра, важи 24 часа и со тоа се добиваат и две возења со автобус.

Со тоа се намалува концентрацијата на штетни гасови, односно загадувањето на воздухот во главниот град, а се избегнува и гужва во сообраќајот.

Љубљана има 17 хектари пешачки зони, 310 километри уредени велосипедски патеки и 542 метри квадратни јавни зелени површини по жител.

Од 2003 до 2013 година процентот на луѓе кои се возат со автомобили е намален од 58 на 41,5 отсто, а оние кои се возат со автобус од 13,1 на 12,6 отсто, додека процентот на луѓе кои користат велосипед како превозно средство е зголемен од 9,9 на 11,1 отсто. Најголемото подобрување се гледа во бројката која покажува колку луѓе почнале да пешачат, тој процент е зголемен од 19 на 34,8 отсто во 2013.

Словенечките власти имаат план како до 2045 да ги зголемат овие проценти, да се намалат штетните честички во воздухот, да се рециклира многу повеќе отпад од сега и да се зголеми свеста на граѓаните за важноста на животната срединa.

Претходна вестАпел на РСБСП: Не дозволувајте непромислена грешка, не возете под дејство на алкохол,
Следна вестЛука Дончиќ стана првиот играч во НБА со 60 поени на еден меч